Протест пред битолската Апелација за слобода на Талески

by fokus

Додека траеше јавната расправа во Aпелацискиот суд во Скопје, активисти на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на протест пред битолската апелација, барајќи слобода за градоначалникот Владимир Талески.  Тие го блокираа патот пред битолските судови порачувајќи им на судиите „да одлучуваат правилно.”

Во Апелацискиот суд во Скопје пак, беа сослушани аргументите на одбраната, но и на Специјалното јавно обвинителство, за изречениот куќен притвор.

Адвокатот на Талески, Никола Додевски пред Кривичниот совет истакна дека барањето за притвор на СЈО не било засновано на докази од кои произлегува разумно сомневање за сторено кривично дело.Додевски посочи дека СЈО не ги доставило доказите врз основа на кои бара притвор до одбраната и до судот.

Обвинителот на СЈО пак, Трајче Пеливанов, истакна дека Кривичниот правилно одлучил кога му определил куќен притвор на битолскиот градоначалник и тоа по сите основи.

 Тој посочи дека жалбата на одбраната е неоснована и има потреба од притвор бидејќи истражната постапка на СЈО сè уште е во тек и сè уште не се испрашани неколку лица, меѓу кои и градоначалникот Талески.

По завршување на седницата, која траеше речиси два часа, претседателката на Апелацискиот суд, Лилјана Шопова-Ивановска, рече дека одлуката ќе биде соопштена во законски предвидениот рок.

Инаку, во случајот „Транспортер”  Талески се сомничи за коруптивна зделка од 360.000 евра, а во која се инволвирани уште еден општински чиновник и лица сопственици на транспортни компании.

(Фото:SDK.mk)

Поврзани новости