Протест на земјоделците кај Свети Николе, бараат вода за наводнување на нивите

by Fokus

Земјоделците од Овчеполскиот регион го блокираа регионалниот пат Велес-Штип кај крстосницата кон Свети Николе. Со тракторите и земјоделската механизација поставени на кловозната лента го запреа сообраќајот на овој патен правец. Земјоделците бараат да добијат вода во системот за наводнување, за да ги спасат своите земјоделски насади.

„Министерот за земјоделство  со директорите да дојдат и да ни кажат зошто во годината кога Калиманци прелива ние немаме вода за наводнување, но и да ни кажат дали е вистина дека е донесено одлука за зголемување на наплата за водарина“, рече земјоделецот Митре Николов.

Земјоделецот Златко Здравсковски дополни дека е донесена и одлука водарината да се зголеми за 70 проценти, а тие немаат вода до нивните ниви.

Пред неколку дена, земјоделците од Овчеполскиот регион добија ветување дека вода ќе пристигне во овој регион и дена наводнувањето ќе се одвива согласно планот и потпишаната спогодба меѓу ХС Водостопанство „Брегалница“ и земјоделското здружение „Овчеполски аграр“. Тие изјавија дека нема доволен доток на вода и притисок за да ги наводнуваат површините со пченка, детелена, лозја и други култури.

„Ние немаме бавчи за да наводнуваме со црево. На нас ни треба вода 4-5 бари притсок во каналската мрежа за да можеме да наводнуваме“,  рече Николов.

Земјоделците од Овче Поле денеска добија и поддршка од оризопроизводителите од кочанско кои се пожалија дека и кај нив полињата буквално горат за вода. Пред два дена поради истиот проблем, протестираа и земјоделците од карбинско. На протестот поддршка дадода и функционери од ВМРО ДПМНЕ.

 

Поврзани новости