Опозициската ВМРО – ДПМНЕ денеска ќе организира протестен собир, како што најави, за поддршка на членството во ЕУ, за Македонија и за Гоце Делчев. Најавено е дека протестот ќе почне вечер во 18.30 часот од пред Министерството за правда, ќе продолжи преку мостот „Гоце Делчев“ се до зградата на Министерството за надворешни работи.
– Ова е мирен народен протест на кој ќе испратиме јасни пораки. Време е за гласот на тивкото мнозинство. Повикуваме сите да ни се приклучат во протестот кој треба да биде нашиот глас за она што не обележува како држава, стратешки интерес и бедем на нашето постоење, потенцираат од ВМРО – ДПМНЕ.
На однапред видно обележано место пред Министерството за правда, најавено е дека ќе се делат пораки и транспаренти кои ќе бидат дел од протестот.
– Гоце Делчев е еден од најсветлите ликови врз чии постулати почива современата македонска држава. Тој е дел од нашиот идентитет и црвена линија за нашето достоинство. Токму за него и за историски факти далеку од очите на јавноста преговара владата на Заев со нашиот источен сосед. Трговијата со неговото име и постоење значи трговија со нашето постоење и она што сме и ќе продолжиме да бидеме, тоа е Македонци. Во меѓувреме нема никакво поместување на патот кон Европската Унија. Европската Унија останува уште едно неостварено ветување на Зоран Заев и неговата власт. Не чувме идеја, ниту план, соопштија од ВМРО – ДПМНЕ.
Се работи, наведуваат, за мошне чувствителен период и тоа време кога и им треба нашата поддршка на нашите историчари кои се дел од тимовите за преговори за да ја бранат вистината за Гоце и да не потклекнуваат на трговии и политички притисоци.
Опозициската партија најави повеќе тематски протести. Претходно организираше два протеста против поскапувањето на струјата.