Туристичко-угостителскиот сектор денеска ќе протестира пред Владата се до исполнување на нивните барања. Бараат еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, како и мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, сè додека не почнат да работат без рестрикции. Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори предупредува дека секторот се наоѓа во исклучително тешка состојба и доколку итно не се обезбедат економски мерки за финансиска поддршка, ќе се соочи со целосно уништување.
Кон протестот, како што најавија, ќе се приклучат и туристичките агенции кои, како што соопштија, имаат пад на прометот од 80 до 100 проценти. Владата најави дека подготвува шести пакет мерки за поддршка на овој сектор. Илјадници работници може да останат без работа. Новото затворање на угостителските објекти почна на 7 април, со воведувањето на рестриктивните мерки. Угостителските објекти се затворени за гости, а работат со достава или на принципот шалтер систем. Мерката е предвидено да важи до 20 април.