По протестите на судската администрација во Скопје, Велес и Битола, педесетина вработени, референти, стручни соработници, технички персонал и административци од Апелациониот и Основниот суд Гостивар со двочасовен протест пред судската зграда искажаа незадоволство од неисполнување на барањата за покачување на платите и додатоците.
Меѓу поважните нивни барања се зголемување на минималната плата од 78 проценти и редовно исплаќање на 35 проценти за додатоци на судските службеници.
Претставникот на Независниот синдикат на државна администрација во Гостивар, Игор Симески во обраќањето до јавноста напомена дека незадоволството и револтот произлегуваат од долгогодишни напластени проблеми во судската служба и непокачување на платите и неисплаќање на додатоците на плата кои со закон се предвидени.
– Исто така најавуваме дека доколку во скоро време не се решат нашите барања ќе пристапиме кон порадикални мерки на искажување на нашиот револт. Ние сме служба ксо најниски примања во државната администрација што како за еден од столбовите на државата – независна власт, воопшто не содејствува со работата која ја работиме, рече Симески.
Последното покачување на платите од десет проценти, од овој синдикат го оценија како срамно.