По донесувањето на пресудата од Кривичниот суд за случајот со полициска бруталност во Битола, според која полицискиот службеник е осуден на една година затвор, граѓанското движење АВАЈА организира марш за правда. Маршот започна пред Кривичниот суд во Скопје од каде беше порачано Апелациониот суд да ја прифати одлуката на Кривичниот и таа да стане правосилна.
-Денеска Ромите се борат за своите права со тоа што е пропишано. Денеска тука сме сите собрани во име на сите жртви на полициска бруталност, на сите оние кои молчеле, на сите оние кои се плашат да говорат јавно за насилството, на сите оние кои не ја добиле правдата во судските постапки и за сите оние кои и никогаш не стигнале да ја имаат можноста за судска постапка, истакна Марија Сулејманова.
Од Основниот Кривичен суд Скопје протестот продолжи пред Основното јавно обвинителство каде што пред присутните се обрати, Селвије Мустафи. Таа упати порака до Јавното обвинителство за подеднакво третирање на пријавите против полициските службеници со останатите пријави.
-Денеска сме тука пред ОЈО бидејќи, веќе една година не е процесирана нашата кривична пријава против тројцата полицајци, ја следиме нивната работа и бараме да се процесира нашата поднесена кривична пријава против нив, порача Сулејманова.
Како што е познато, минатата година во септември, во Битола обвинетиот полицаец Гоце Петковски при обезбедување на место на сообраќајна несреќа, го совладал Невзад Јашаровски. По завршувањето на судскиот процес, Судот констатира дека полицаецот употребил прекумерна сила и го понижил Јашаровски и изрече ефективна казна затвор од една година за полициски службеник за прекумерна употреба на сила.
Фото – Сител