Протест на просветните работници – се плашат дека со спојување предмети ќе ги изгубат работните места

by Fokus

„Кажи не на уништувањето на географијата”, „Без географијата сме изгубен народ” – беа само дел од пораките на денешниот протест на просветните работници.

Нивното незадоволство од најавите за спојување на повеќе наставни предмети во еден и ниските плати го искажаа токму на денот на сесловенските просветители и учители – Кирил и Методиј.

„Во моментот во секторот образование се уште најниската плата за најнизок степен на сложеност е 12.000 денари. Ова е поразително нешто. Во моментов во секторот образование има нездрава работна атмосфера и ние сме тука да укажеме дека социјалниот дијалог е сведен на нула, дека условите за работа не се баш сјајни и дека мора итно да настанат промени“ рече Томислав Гиевски, претседател на Независен синдикат за образование и наука.

Просветните работници со свирежи се упатија од Жена парк до Министерството за образование и наука за кое велат дека досега немало слух за нивните барања.

„Со овој министер не сме имале ниту една средба досега. Сме испратиле неколку барања, мислам дека сме имале околу десет барања, но никогаш не сме добиле одговор. Со спојување на наставните предмети во рок од пет години со целосна имплементација во просек ќе се изгуби едно работно место во две училишта, зборувам за училишта кои имаат четири одделенија. Дваесет и четири часа недостасуваат по природните и општествените науки, заедно со укинување на предметот иновации. Би требало јас како наставик по географија да предавам за Антички Египет -од каде знам јас или по природни науки во шесто одделение би требало да предавам за електрицитет по географија. Тоа е неприфатливо и ние ќе се спротиставиме на тоа“ – додаде Гиевски.

Од Независниот синдикат потенцираат дека овој протест е само предупредување, а ќе има и порадикални чекори како бел штрајк или штрајк доколку надлежните не ги слушнат нивните барања.

„Незадоволни сме и од непочитувањето на колективните договори во секторот образование. Во моментов најниската плата за најнизок степен на сложеност изнесува 12.000 денари нето, а сведоци сме дека минималната плата во државата изнесува 20.175 денари нето. Министерството за образование и наука нема слух ниту волја да ги почитува законите, а паралелно на сето тоа, сведоци сме како јавните функционери ЕКСПРЕСНО ја спроведоа одлуката на уставниот суд и добија покачување за 78 проценти. За јавните функционери законот е закон и тој мора да се почитува, а за просветните работници не важат истите правила“ – велат од Синдикатот.

Поврзани новости