Протест на Независниот синдикат на здравствени работници, се жалат дека работат за социјална помош од 20.000 денари

by Fokus

Дел од здравствените работници денеска на протест пред Министерството за здравство ги повторија своите барања: зголемување на платите за 30%, нов колективен договор, бенефициран работен стаж, зголемување на инфективниот додаток од 1 на 4% и трансформација на определено работно време со неопределено. Тие се револтирани поради фактот дека надлежните институции немаат слух за проблемите со кои се соочуваат,

„Итно да се направи трансформација на сите времени вработувања кои ги има во сите здравствени институции на Здравствен дом Скопје и Клинички центар, низ цела територија, со цел да ги задржиме тие млади луѓе, бидејќи работат за плата, може да се нарече социјална помош од 20.000 денари“ – изјави Боби Бојчевски, национален координатор за здравство на КСОМ.

Членовите на Независниот синдикат на здравствени работници реагираат дека „за време на пандемијата со Ковид 19 бевме херои, за потоа да се заборави на сето тоа“.

„Работиме без здравствено осигурување, фактички со 20.000 денари плата ако не платиме здравствено осигурување ние немаме. 1.800 денари е здравствено значи ние земаме 18.200 основна плата. Немаме право на одмор, немаме право на боледување, немаме никакво право“ – изјави медицинската сестра Билјана Џонова.

Ако и овојпат Министерството за здравство и Министерството за финансии не најдат соответно решение за нивните барања, велат дека ќе ги радикализираат протестите и ќе излезат пред Влада.

Поврзани новости