Вработените во здравството нема да добијат усогласување на платите со порастот на минималната плата поради непотпишувањето на анексот на колективниот договор. Поради тоа на 8 април најавуваат протест што ќе почне од пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, а ќе заврши пред Министерството за здравство, порачаа денеска од Сојузот на синдикати на Македонија.
– Протестот ќе биде токму во насока на изразување незадоволство од непотпишувањето на анексот на колективниот договор којшто веќе беше завршена работа, но поради политичките игри остана непотпишан и со тоа повеќе од 20 илјади работници во здравството остануваат без усогласувањето на нивните плати со порастот на минималната плата – рече на прес-конференција претседателот на ССМ – Слободан Трендафилов.
Според информациите, освен вработените во здравството, усогласување на платите ќе нема и во Образование и во МВР.
– Усогласување со порастот на минималната плата ќе нема и во образованието поради непотпишување на колективниот договор. Според моите сознанија, и вработените во Министерството за внатрешни работи нема да добијат усогласување на палтите, меѓутоа управата на локално ниво, правосудството, Правобранителството, јавнообвинителската служба, судската служба и.т.н. ќе добијат усогласување имајќи предвид дека Синдикатот на УПОЗ потпиша низа колективни договори каде ова право е утврдено меѓутоа и законските решенија, кои се обидуваа на мала врата да ги сменат пред објавата на висината на минималната плата, го овозможуваат тоа – потенцираше Трендафилов.