На јутјуб вечерва беа објавени разговори на кои се слушаат гласовите на поранешниот премиер Никола Груевски и бизнисменот Орце Камчев.
Станува збор за две снимки, објавени на каналот „The truth above all“, во кои двајцата соговорници разговараат за судскиот случај „Плацеви на Водно“, во кој Груевски е првообвинет дека со партиски пари стекнал плацеви на Водно.
Како што е познато, и Камчев е меѓу обвинетите, бидејќи, според обвинителството, преку купопродажба учествувал во затскривање на трагите дека овој имот всушност е на Груевски.
Во објавените разговори, може да се слушне дека Камчев му говори на Груевски за исказот што го дал пред обвинителството, истакнувајќи дека рекол оти Груевски немал никаква врска со нив.
Она што го говори Камчев во телефонскиот разговор со Груевски е спротивно од неговото сведочење пред неколку дена, кога призна дека плацевите биле на Груевски, кој, според Камчев, потоа постигнал договор да ги трампа за 3 ексклузивни станови во комплексот Панорама.
Овие станови, според сведочењето на Камчев, се се формална сопственост на фирма на неговиот зет Мето Стојчевски, кој ги чувал за примопредавање.