В среда во Македонската филхармонија официјално ќе бидат соопштени податоците од пописот што се одржа во септември.
Конечно по 20 години ќе ја добиеме целосната слика за етничката бројност во државата, а викендов веќе протекоа неофицијални информации по изјавата на директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски дека по објавувањето на резултатите ќе биде прогласен за „државен непријател“.
Медиумите викендов објавија неофицијални бројки од пописот и се повикаа на извори од Државниот завод за статистика. Според овие податоци, во земјава живеат 1 милион и 800 илјади граѓани. Заедно со дијаспората сме 2.1 милион, што значи дека околу 300 илјади живеат во странство. Вкупниот број граѓани кои имаат матичен број е 2,5 милиони.
Во однос на етничките заедници во земјава, од 1,8 милиони резиденти, односно Македонци што живеат во земјава се околу 63 до 65%, околу 24,7 Албанци, и 10-12% други заедници кои живеат во земјава.
Процентите варираат доколку во вкупниот број на население се вбројат и оние кои живеат во дијаспора, како што е предвидено со закон.
Заедно со дијаспората, според неофицијални извори, Македонците би излегле од 60 до 62%, Албанците 29,5%, а припадниците на останатите етнички заедници од 8 до 10%.
Директорот на заводот, Симовски за „Фокус“ тврди дека од институцијата никакви податоци не се дистрибуирани никаде, но е воздржан за тоа дали корепсондираат со реалните.
-Дали објавените податоци корепсондираат со реалните ќе кажеме во среда кога ќе ги презентираме податоците во јавноста. Притисоци немаме никакви, а што се однесува на лицитирањата со податоци в јавноста, тоа едноставно во нашава држава, е невозможно да се спречи, изјави Симовски за „Фокус“.
По изјавата на Симовски и како што се наближува објавувањето на резултатите, политичките партии критикуваат, најголеми критичари на оваа операција од самиот почеток е „Левица“.
-Сè што за прекинатиот попис бараше ДУИ и што беше незаконско, сега е дел од законот. Ќе кажам ексклузивна информација што не ја видов никаде. Тие имаа експерт од Словенија, тоа се нашите информации, кој во последните 5 до 6 месеци откако заврши пописот, внесуваше луѓе од базата на МВР коишто го бојкотираа пописот. Некаде околу 75.000 до 80.000 лица. Значи, ние само со 5.000-10.000 имаме нелегитимен попис, така што и овој попис е апсолутно нелегитимен, вели пратеникот Борислав Крмов.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ смета дека изјавата на Симовски е подготовка за политички маневар, но сепак ќе ги сочекаат официјалните резултати од пописот, па потоа ќе коментираат.
Ф.Ф.С.