Протечените документи го покажуваат обемот на американските шпионски активности

by fokus

Доверливите документи на американските разузнавачки служби кои протекоа на социјалните мрежи покажаа дека американските шпиони навлегле длабоко во руските разузнавачки и безбедносни системи, но ги шпионираат и пријателските и сојузничките земји.

Документите даваат увид во американските проценки за ситуацијата на бојното поле во Украина и потребата на Киев да започне контраофанзива за ослободување на териториите окупирани од Русија, иако некои од материјалите објавени на интернет се изменети за да се преувеличат украинските и да се намалат руските загуби.

Американските функционери и нивните сојузници во други земји се обидуваат да утврдат како десетици доверливи разузнавачки документи завршиле на интернет, пишува Вашингтон пост, што укажува дека нивото на детали што опишуваат како САД подеднакво ги шпионирале пријателските и непријателските земји предизвикува чудење и лутина.

Документите, кои се чини дека дошле барем делумно од Пентагон и се класифицирани како строго доверливи, нудат тактички информации за војната во Украина, вклучувајќи ги и борбените способности на земјата, како и анализа на американските разузнавачки агенции за Русија и неколку други земји, врз основа на информации собрани од доверливи извори.

Многу од протечените документи се чини дека биле подготвени во текот на зимата за началникот на Здружениот Генералштаб на САД Марк Мили и други високи воени функционери, но биле достапни и за други американски официјални лица со посебни безбедносни дозволи.

Документите, според „Вашингтон пост“, се чини дека откриваат каде Централната разузнавачка агенција (ЦИА) регрутирала агенти кои знаат за разговори меѓу светските лидери, прислушување што покажува дека руската платеничка група „Вагнер“ се обидела да добие оружје од сојузникот на НАТО, Турција за да го користи против Украина како и какви сателитски снимки користат САД за да ги следат руските сили, вклучително и напредна технологија која се чини дека не била јавно позната.

Протекувањето на доверливи воени документи кои беа објавени на социјалните мрежи ги вознемири американските служби, кои се обидуваат да го идентификуваат изворот за кој некои безбедносни експерти се сомневаат дека може да биде некој од САД.

Официјални лица рекоа дека опсегот на темите опфатени во документите, од војната во Украина до прашањата поврзани со Кина, Блискиот Исток и Африка, укажуваат на Американец, а не на сојузник.

– Фокусот сега е дека ова е американско протекување бидејќи голем број документи ги поседувале само САД, изјави поранешниот висок функционер на Пентагон, Мајкл Малрој.

Американските власти рекоа дека истрагата, која сè уште е во рана фаза, не ја исклучува можноста проруски елементи да се поврзани со протекувањето на документите, што се смета за најсериозно нарушување на безбедноста од 2013 година, кога повеќе од 700.000 документи беа објавени на Викиликс.

Руската амбасада во Вашингтон и Кремљ не одговорија на новинарските барања за коментар.

Двајца американски функционери изјавија дека не ја исклучуваат можноста документите да се фалсификувани за да се доведат во заблуда истражителите или да се шират лажни информации против САД.

 

Поврзани новости