Прославата на Денот на независноста на отворено и со мерки за заштита

by Fokus

Владата задутре од 10 часот на отворено ќе ја организира централната прослава по повод 29 години од прогласувањето на независноста и самостојноста на државата, на која ќе се обрати премиерот Зоран Заев.

Свеченоста ќе се одржи во посебни услови согласно со здравствениот протокол на Комисијата за заштита од заразни болести за одбележување државни празници односно без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на мерките за заштита и растојание.

Пред централната прослава по повод 8 Септември – Ден на независноста, владина делегација во 8 часот ќе положи свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Борис Трајковски и Киро Глигоров, на гробиштата „Бутел“.

Делегацијата ќе ја предводи премиерот Заев и во неа ќе бидат првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот задолжен за борба со корупција и криминал Љупчо Николовски и министерките за образование и наука и за труд и социјална политика, Мила Царовска и Јагода Шахпаска. 

Поврзани новости