Прослава со над 20 пејачи во Куманово: Да се дадат големите финансиски средства на домашни музичари, за потоа да можат да творат квалитетна музика!

by Fokus

Над 20 познати музички имиња од домашната сцена во недела ќе настапат на градскиот плоштад во Куманово, со почеток од 20 часот, по повод 80 години од ослободувањето на градот и 505 години од формирањето на Куманово.

Помеѓу изведувачите преовладуваат оние од забавната музика, додека пак од фолкерите ќе настапат Наум Петрески и Миле Кузмановски.

Владо Јаневски, ДНК, Тамара Тодевска, Ламбе Алабаковски, Антониа Гиговска, 2 Бона, Слаткаристика, Ивона Јо, Наум Петрески, Маргица Антевска, Пајак, Марио Арангеловски, Куку Леле, Мартија Станојковиќ, Лука Чомбе, Миле Кузмановски, Нино Величковски, Лара Иванова, Мартинијан Кириловски, Шпенд Латифи, ДЏ Боно и Фис бенд се најавените музички гости од поп сцената, а ќе има и огномет помеѓу 21.30 и 22 часот.

Директорот на Фондацијата за култура и спорт при Општина Куманово, Марио Арангеловски, на прес конференција кажа дека овој концепт на прослава само со домашни музичари треба да го преземат и другите општини.

– Искрено се надеваме дека во иднина и другите општини ќе го преземат овој концепт, да се дадат големите финансиски средства на домашни изведувачи, за да пак тие во иднина можат да творат и произведуваат квалитетна музика, порача Арангеловски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости