Проширување на ЕУ на повидок. И сега, што правиме?

by Фокус

Чекам само некој да каже: Ако толку им требаме, самите нека најдат решение за македонско-бугарската тема. Всушност, мислам дека така и ќе биде на крајот, зашто ние сме непоправливи. Потоа се жалиме дека нивното решение го повредува нашето достоинство, зашто вистина е: прво „на клоци“ во НАТО, сега „на клоци“ во ЕУ.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

И сега, што правиме? Каде се сега тие што тврдеа дека Европа не нѐ „сака“ и дека никогаш нема да нѐ прими во членство?

Дека залудно брзаме да решиме уште еден билатерален спор, овојпат со Бугарија, зашто и онака проширувањето не е на агендата на Унијата, во следните дваесет, триесет, педесет години.

Да биде парадоксот поголем, невладини организации платени од фондовите на ЕУ, се дел од хорот негатори.

Низ годините се создаде коалиција на кочничари, кои упорно повторуваа: „Каде брзаме!?“. И место да засукаме ракави, овие два збора станаа национален лозунг. Типично за нашето ориентално поведение, би рекол.

Секој со малку подолго животно искуство, кој се обидел нешто да смени во својата работна средина или во државата, разбира за што пишувам.

Кога некаде во средината на 1980-тите изготвив некаква скромна програма за реформа на правните студии со цел и ние, како и напредниот свет, да почнеме да посегаме по „одличност“, деканот, еден фин човек, вистинска „другарчина“, ама некој што ја погрешил професијата професор, ми рече дека она што сум го напишал е за дваесет и првиот век.

Но, времето никого не го чека. Еве нѐ како ја трошиме и првата половина на дваесет и првиот век, деканот замина од овој свет, а факултетот кој произведува судии за чиј квалитет, толку се зборува во последно време, никаде го нема да се огласи и да објасни како посега по „одличност“ денес.

По правило, кога ќе кажев или напишев нешто, немаше јавно спротивставување, но немаше ниту поддршка. Немаше ништо. Всушност, имаше една реченица, која, како шепот, се повторуваше низ годините: „Сега не е време за ова“.

За зборење – може, ама не и за дејствување. Всушност, станува збор за најобичен изговор за ништо да не се менува. Зошто? Затоа што не умееме да работиме.

Ја немаме таа дисциплина. Дисциплина што ја поседуваат народи, кои, низ вековите, граделе бродови способни да пловат по морињата без да потонат или мотори што летаат авиони без тие да паднат. Имаме само „ВМРО“, би рекол Бранко Тричковски.

СЕКОЈА БРЗИНА НЀ ПОНИЖУВА

Но, времето никого на чека. Некни дознавме дека подготовките за следниот бран проширување на ЕУ се отпочнати. Реакциите кај нас се очекувани.

Веднаш почнавме да кочиме, да мрсиме балкански клопчиња на лични и државни интереси и да сомничиме.

Нема радост, ентузијазам за нов почеток кон видлива цел. Има само сомнежи кон намерите на другите и список наши желби. Како докажани спринтери, ние не сакаме ЕУ во повеќе брзини.

Сакаме и да бидеме рамноправни со другите членки на Унијата, вели претставник на опозицијата, зборувајќи јавно на темата, а ова со некакви четири брзини не ни одговара зашто ќе сме се чувствувале понижени од можноста да завршиме во група со троми недисциплинирани тркачи, а ние сме толку брзи. Ќе бидеме повторно понижени, нагласува соговорникот.

А, всушност, обратно е: троми какви што сме, секоја брзина нѐ понижува. Затоа постојано бараме изговори за да не се вклучиме во трката. Добро е што за процесот на проширување ќе се одлучува со мнозинство, вели друг, ама што фајде да влегуваме во трка кога на крајот Бугарија пак ќе ни стави вето.

Згора на сѐ, ние сакаме да сме рамноправни со другите членки на ЕУ. Претпоставувам, сакаме пристап и до нуклеарниот арсенал на Франција, на пример, зашто не признаваме „горили“ и „слонови“ во меѓународното општество на држави.

Само рамноправни, како што пишува во документите. Навистина, ако сме рамноправни, зошто и ние да немаме право да притиснеме некое копче, туку само Франција да одлучува за нуклеарен напад? Изговори, само изговори за неработење.

Од аспект на меѓународната политика и на страшниот геополитички лом со руската агресија врз суверена европска држава, ова проширување на ЕУ лесно можеше секој да го предвиди и да почне да се подготвува за тој ден.

Беше јасно зашто, меѓу безбедноста и омекнувањето на критериумите за прием на идни членки, предност ќе ѝ се даде на безбедноста.

Дека, соочени со руската опасност и потребата да се збијат редовите, критериумите олабавуваат во прилог на опстанокот. Сега, имено се исцртува новата линија на разграничување меѓу демократиите и автократиите.

Украина во ЕУ е подготовка во таа насока, па и за членство во НАТО. Заедно со Молдавија и Грузија, и другите држави на Западен Балкан ќе бидат поканети во членство во ЕУ.

„НА КЛОЦИ“ ВО ЕУ

Чекам само некој да каже: Ако толку им требаме самите нека најдат решение за македонско-бугарската тема. Всушност, мислам дека така и ќе биде на крајот, зашто ние сме непоправливи.

Потоа се жалиме дека нивното решение го повредува нашето достоинство, зашто вистина е: прво „на клоци“ во НАТО, сега „на клоци“ во ЕУ. Што толку запнале по нас?

Мала земја сте, ама може да предизвикате големи проблеми, ми вели странска дипломатка запрепастена од отсуството на какви било сознанија за настаните во Куманово, во кои изгинаа осум наши млади полицајци и се заканија со меѓуетнички пожар во регионот.

Како мала држава во нестабилен регион, вашите проблеми од толкави, покажува со разделени дланки на дваесетина сантиметри, можат да станат олкави, и ги шири рацете во илустрација.

Некои „итреци“ кај нас ова го знаеја уште од годините на независноста. Како што рече некој на седница на првата експертска влада во 1991 година, како реплика на мое кажување што сѐ треба да направиме за да се доближиме до ЕЗ:

„Ако продолжи ЕЗ да ни поставува услови, ќе ѝ направиме и тука една војна од која ќе се чуди што ја снашло“.
Иста ли е пораката до странците 32 години подоцна, со отфрлање на францускиот предлог: Ние сме против вашето решение, а вие справете се со последиците од нашето поведение, порачува опозицијата.

Четириесет и пет члена на една партија во Македонија наречена ВМРО-ДПМНЕ против половина од сопствените граѓани, против ЕУ и против Америка?! Англосаксонците имаат еден израз: Не си ја туркај среќата предалеку.

Имено, вакво нешто минува само во замислен свет на еднакви држави, во кој нема слонови и горили. Светот во кој живееме не е таков.

Поврзани новости