Проруски протест во Белград: Путин е најсилен и најхрабар во светот

by fokus

Пред споменикот на цар Николај во улицата Крал Милан во Белград започна „протест за поддршка на рускиот народ“, организиран од неколку десничарски групи.

На протестот во непосредна близина на српското претседателство се собраа голем број граѓани, па улицата Крал Милан е затворена за сообраќај.

На учесниците на протестот од бината им се обратија претставници на екстремно десничарските организации – Дамњан Кнежевиќ од Народната патрола и Младен Обрадовиќ од Образ.

Тие порачаа дека доколку Србија по изборите воведе санкции кон Русија, двојно повеќе луѓе ќе излезат на улица отколку вечерва.

Кнежевиќ испрати порака до CNN, BBC и RTS „дека русофобијата во Србија е статистичка грешка“ и дека „секој Србин е брат на Русин“.

-Колку и да бевме притиснати од санкциите во 1992 година, а Русија во 2022, колку и да не нападнаа и да нудеа светлина, сето тоа е капка во океанот за една словенска душа, рече Кнежевиќ, додавајќи дека „нема таков Србин кој на Русија и Белорусија ќе им воведе санкции“.

Обрадовиќ рече дека „Русија го ослободува целиот свет од заканите на НАТО“ и дека денеска „Путин покажа кој е најсилниот и најхрабриот државник на светот“.

Собирот започна со интонирање на химните на Србија и Русија, граѓаните носат руски и српски знамиња и извикуваат „Русија, Русија“, „Србите и Русите се браќа засекогаш“, „Предавство, предавство“ и „Вучиќ Шиптар, ти ја предаде Србија“.

Поврзани новости