Проруската партија на поранешниот премиер Фицо победи на изборите во Словачка

by fokus

Партијата Смер ССД предводена од поранешниот премиер Роберт Фицо освоила најголем број гласови – 23,31 отсто, врз основа на 99,2 отсто од преброените гласови не вчерашните парламентарни избори во Словачка, соопшти Словачкиот институт за статистика.

Според неофицијалните резултати од изборите, партијата Прогресивна Словачка заврши на второто место со 16,98 отсто, иако прогнозите пред изборите предвидуваа нејзина победа, а потоа Глас-СД (14,98 отсто), коалицијата ОЛАНО – За народна христијанска унија (9,02 отсто), КДХ (6,91 отсто), СаС (6,18 отсто) и Словачката национална партија (СНС) со 5,67 отсто, пренесува ТАСР.

Меѓу партиите кои не успеаја да влезат во парламентот се Република (4,8 отсто), Алијансата (4,46 отсто), Демократите (2,92 отсто) и Ние сме семејство (2,25 отсто), додека останатите партии добија помалку од еден отсто од гласови.

Одѕивот на изборите е 68,06 отсто, објави Словачкиот завод за статистика.

Би-би-си објави дека врз основа на речиси сите преброени гласови, јасно е дека „проруската партија предводена од поранешниот премиер Роберт Фицо“ победила на парламентарните избори во Словачка.

Неговата партија Смер ССД, која за време на кампањата вети дека веднаш ќе ја прекине воената поддршка за Украина, освои речиси 24 отсто од гласовите, и покрај излезните анкети кои укажуваат на победа на либерално-центристичката партија.

Фицо во 2018 година беше принуден да се повлече од премиерската функција по убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак, а по овие избори, судејќи според резултатите, ќе мора да почне коалициски преговори за формирање на идната влада, јавува Би-би-си.

Проевропската партија Хлас, која би можела да одлучи кој ќе ја формира следната влада, го зазеде третото место со освоени 15 отсто од гласовите, а лидерот на партијата и поранешен колега на Фицо, Питер Пелегрини, најави дека се отворени сите можности за создавање на идна владејачка коалиција.

-Доколку Смер влезе во владата, нема да испратиме ниту еден куршум во Украина, им порача неодамна Фицо на своите приврзаници и оцени дека војната всушност почнала во 2014 година, кога, како што навел, „украинските нацисти и фашисти почнале да го убиваат руското население во Донбас“.

Оваа закана на Фицо предизвика загриженост кај членките на Европската унија и НАТО, но на социјалните мрежи доби поддршка кај Словаците кои традиционално имаат „топли чувства“ кон Москва, оценува Би-би-си.

Партијата Прогресивна Словачка, која е на второ место по бројот на освоени гласови, е либерална, прозападна партија која ветува дека ќе продолжи воено да ја поддржува Украина.

Фото:ЕПА

Поврзани новости