Руската телевизија Русија 1, главен канал на државната телевизија, во една од своите најпопуларни емисии мораше да ги прекинува гостите кои ја критикуваа руската инвазија на Украина.
Владимир Соловјов, еден од новинарите што ја пренесува пропагандата на Кремљ, мораше постојано да ги прекинува своите соговорници кои во ударниот термин ја критикуваа руската агресија.
За време на емисијата во живо, филмскиот режисер Карен Шахназаров рече дека конфликтот во Украина ризикува да ја изолира Русија.
-Тешко ми е да замислам дека ќе окупираме градови како Киев. Ако оваа слика почне да се претвора во апсолутна хуманитарна катастрофа, дури и нашите блиски сојузници како Кина и Индија ќе бидат принудени да се дистанцираат од нас – рече режисерот.
Подоцна, во емисијата слични ставови изрази и рускиот академик Семјон Багдасаров.
-Дали навистина ни треба нов Авганистан, но уште полош? – праша Багдасаров.
Тој додаде дека Украина е многу понапредна во ракувањето со оружје и дека „тоа не и треба на Русија“.
-Доста е – извика академикот, откако беше видно изнервиран поради тоа што беше прекинат од Соловјов.