За сите македонски државјани кои побараа помош за евакуирање од Израел беше обезбеден трансфер благодарение на напорите на Владата на Република Северна Македонија и премиерот Димитар Ковачевски.
На релација Тел Авив – Скопје, успешно беа евакуирани сите државјани на Република Северна Македонија кои побарале помош да го напуштат Израел, и да се вратат во земјата.
Сите финансиски трошоци за превезувањето на евакуираните граѓани се покриени со резерви на Буџетот на Република Северна Македонија, согласно одлуката донесена на седница на Владата.
„Бесплатниот чартер лет за сите патници кои патуваа на релација Тел Авив – Скопје беше реализиран во соработка со ‘Air Serbia’, и тоа во услови на откажани летови и целосно блокиран авионски сообраќај од и кон Израел. Со оглед на тековните борбени активности во повеќе подрачја во Израел изминатата недела, претходните обиди за обезбедување на лет од Тел Авив не вродија со резултат, имајќи предвид дека ниту една компанија од регионот не беше во можност да обезбеди сигурен и безбеден лет и да одговори на барањата на Владата на Република Северна Македонија“ соопштија од Владата.
Со авионот, освен преостанатите 67 македонски државјани, Владата на Северна Македонија излезе во пресрет и обезбеди трансфер и на седум албански, седум црногорски и тројца бугарски државјани.