Пропадна обидот за продажба на Славија

Агенцијата за конфискација на чело со Асани ја известила берзата дека се откажува продажбата на акциите во некогашниот гигант, дознава Фокус.

by Фокус

Агенцијата за управување со одземен имот, предводена од директорот Фатон Асани, се откажа од намерата за продажба на АД Славија, дознава Фокус.

Според нашите информации, на барање на Агенцијата е откажана јавната берзанска аукција, која, според огласот објавен на почетокот на месецов, требаше да се одржи во понеделник, вторник и среда, со почетна цена од 218 илјади евра.

Неофицијално, Агенцијата пред Македонска берза го образложила откажувањето на продажбата со покренатата постапка на поранешни вработени на Славија, кои бараат акциите, а со тоа и имотот на друштвото да не се продаваат, додека не си ги наплатат заостанатите плати и продонеси.

Ваквиот епилог следува откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта преку Агенцијата за конфискација сака на блиски луѓе да им продаде за 218 илјади евра имот, кој, според партијата, вреди над 20 милиони евра.

Од Агенцијата, пак, се правдаа дека 70 отсто од имотот на друштвото е нетранспарнентно распродаден за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, поради што сега, посочуваат од таму, друштвото вреди далеку помалку, особено поради високите долгови.

И покрај различните информации за обврските на Славија, сепак, факт е дека се уште располага со атрактивен имот, како управната зграда близу ФОН, магацините во Кисела Вода, објектот на Рузвелтова итн.

Инаку, темата за Славија е актуелна долги години, бидејќи, како што пишуваше и Фокус, додека постојано се продава имот на некогашниот гигант, вработените не можат да си ги наплатат побарувањата, додека дел од нив си ги бараат назад и акциите.

АРХИВА Случај „Славија“: Имотот на продажба, а пари за вработените нема?!

В.С.

Поврзани новости