Пропадна изборот за шеф на Вишото скопско јавно обвинителство

by fokus

На денешната седница на Советот на јавните обвинители не беше избран шеф на Вишото скопско јавно обвинителство.

Официјалното образложението беше дека на членовите им било потребно дополнително време за да ги разгледаат оценките и досијеата на пријавените кандидати.

Случајно или пак не, седницата почна со задоцнување од час и половина, по консултации на членовите во канцелариите.

Во ,,трката” за шеф на ова обвинителство се актуелниот обвинител на вишото скопско обвинителство Мустафа Хајрулахи како и обвинителите Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми. И двајцата беа дел од поранешното специјално јавно обвинителство (СЈО), а потоа беа избрани за виши обвинители.

Седницата за избор се одложи за следниот понеделник.

На истата седница се одложи и изборот на шефовите на повеќе обвинителства и тоа на Вишото јавно обвинителство Гостивар, како и шефови на обвинителствата во Велес, Битола, Гостивар, Кавадарци и Куманово.

На денешната седница единствено беше донесена одлука за именување на новоизбраниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази. Тој ја доби целокупната поддршка од членовите на Советот.

Членовите, Коле Штерјов и Љубомир Јовески истакаа дека Абази се покажал како добар менаџер и во Вишото обвинителство во Гостивар, бидејќи откако стапил на функцината за краток период се решиле сите стари предмети кои се трупале со години.

В.В.

Поврзани новости