Денеска, иако беше предвидено, Советот на јавни обвинители, не направи избор на обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Според претседателот, Антонио Јолевски, на денешната седница немаше кворум, односно на седница не се појавија тројца членови на Советот.
-Одлагањето е поради немање на кворум. Обвинителот Љубомир Јовески беше запознат уште минатат недела, но сега ми рече дека е на состаноци. Не е тука ниту Љупчо Ивановски. Беше тука сабајле но спомна дека има приватни проблеми. Фали и Иџет Мемети и тој рече дека е на состанок, а утрово и тој беше тука, истакна Јолевски, по што беше одлучено изборот да се помести за следната седница за во четврток.
Претседателот на Советот истакна дека во јуни им истекува мандатот на уште на тројца обинители.
-Сакам што побрзо да го завршиме еднаш овој избор, бидејќи Обвинителството е доведено во тешка ситуација, рече Јолевски.
Тој истакна дека тој лично нема политички притисоци поврзани со изборот.
Инаку денешната седница новинарите ја проследија од ходник, со објаснување од претседателот дека нема место во просторијата. А не беше дозволен ниту пренос во живо.
За испразнетите пет места во трка се 10 обвинители кои конкурираа на огласот кој заврши на 1-ви декември. Меѓу нив се оние обвинители со истечен мандат, Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа–Кузмановска и Енѓулуше Кадриу–Леши.
Останатите петмина кандидати се обвинителите: Златко Биковски, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова, Имран Османи и Арсим Адеми, кој во јавноста стана познат откако се спогоди со Зоран Милевски Кичеец, односно даде согласнос Кичеец да лежи 6 месеци затвор за сообраќајката кај Стража, во која загина едно лице.
Валентина Вурмо