На денешен ден, пред точно 11 години беше убиен Мартин Нешкоски, кој беше усмртен на плоштадот „Македонија“, додека ВМРО-ДПМНЕ ја славеше изборната победа на 6 јуни 2011 година. За неговото убиство беше осуден тигарот Игор Спасов, но се чини дека со неговото осудување не се откри целата вистина.
Спасов на судењето во 2012 година тврдеше дека не го убил Нешкоски, а на надлежните и на семејството на починатиот им порача виновникот да го бараат на друго место.
Сомнежите уште повеќе се зголемија кога СДСМ ја објави „бомбата“ за Мартин Нешкоски. Од разговорите се открија и детали кои донекаде ја потврдуваа одбраната на Спасов, или во најмала рака дека имал олеснителни околности, односно дека критичната вечер бил службено ангажиран.
Поради низата пропусти во истрагата, СЈО на почетокот на својот мандат отвори предистрага за овој случај, а Спасов три пати беше носен на распит. Тој со часови се задржуваше кај обвинителите, а неговиот адвокат Ване Андреев тогаш појаснуваше дека неговата улога била како сведок, а не осомничен.
Поради недостиг од официјални податоци, бидејќи предистрагите се тајни, шпекулациите одеа дури до таму дека се трага по друг убиец на Нешкоски, односно дека наводно има индиции дека вечерта на 5 јуни, во текот на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ, друг му го задал смртоносниот удар на Мартин, а не Спасов. Тогаш ,,Фокус” дојде до информации дека Мартин наводно бил удрен во пределот на главата, но не на скопскиот плоштад, туку во подрумот на АРМ, а подоцна се случува брканицата со Спасов на плоштадот, по што му се слошува.
Од Обвинителството побаравме одговор дали предистрагата се уште е активна, односно дали се постапува по овој предмет?
-Предметот за кој покажувате интерес беше презаведен во Основното јавно обвинителство Скопје и надлежниот јавен обвинител, по спроведената претходна постапка и анализа на сите прибрани докази, донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава. Решението беше доставено до оштетените, кои не вложија жалба на одлуката и таа е правосилна, ни одговорија од Обвинителството.
Спасов е осуден на 14 години затвор.
Валентина Вурмо