515
Малиот Адедеџи Оџумони – Деџи со потекло од Нигерија, а место на живеење во Англија, е детето на кое што тренерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо му го подари сребрениот медал, по натпреварот со Реал Мадрид во Скопје, на осми август.
Веста ја пренесе нигерискиот портал Pulse.ng откако клубот Манчестер Јунајтед на својот официјален Фејсбук профил апелираше доколку некој има информација кое е среќното дете што го добило медалот, да ги контактира.
Како што пренесе медиумот од Нигерија, постариот брат на Деџи ја споделил веста и фотографиите од настанот на Твитер, коментирајќи дека ова нема да биде последниот медал на малиот фан, туку се надева како тој еден ден ќе стане успешен фудбалер кој лично ќе освојува медали.
Откако бил откриен идентитетот на среќниот навивач, клубот успеал да стапи во контакт со неговиот татко Ибрахим, кој ги споделил впечатоците од настанот со јавноста.
Тој заедно со осум годишниот Деџи и неговиот постар брат, од нивниот дом во Бристол, ОК, го направил шеснаесет часовното патување за да го гледа омилениот клуб. Првин од Бристол заминале во Лондон, од каде авионски се упатиле во Софија, Бугарија. Потоа со автобус патувале уште шест часа до Скопје.
,,Момчињата беа разочарани на крајот на натпреварот затоа што не победивме. Останавме да го проследиме настанот до крај, и во еден момент го видовме Жозе како доаѓа кон нас. Не знаевме што ќе направи, потоа тој се испружи кон Деџи и без да каже нешто му го подаде медалот. Син ми се заблагодари, целиот гест ни беше нереален. Веднаш не опкружија многу луѓе и не фотографираа’’ – изјавил таткото за интернет сајтот на фудбалскиот клуб.
Тој додал дека Деџи има сезонски билет за спортските настани на стадионот Олд Трафорд, и сон му е да стане познат фудбалер уште пред да наполни дваесет години.
Мурињо, по завршувањето на натпреварот во Супер купот на УЕФА отиде до трибините со навивачи на Манчестер Јунајтед и го подари медалот на малиот навивач.
Потоа на прес конференцијата во Скопје изјави дека понекогаш не ги чува дури и медалите од победите, и наместо да го стави некаде во својата куќа, решил да го подари на детето во дрес на клубот, бидејќи тоа ќе му биде незаборавно доживување.
Ова не е прв пат тренерот да подари медал на публиката. Два пати го сторил истото во времето кога беше тренер на ФК Челси.
Вики Клинчарова