Регионалниот Центар за управување со кризи Охрид извести дека по целовечерна потрага во раните утрински часови денес е пронајдена жената од село Горно Средорече која доцна синоќа беше пријавено дека исчезнала.
Според информациите од СВР Охрид едно лице од село Горно Средорече се изгубило од 20.40 часот вчера и по него е организирана потрага.
По целовечерна, тимски комбинирана, потрага во раните утрински часови изгубеното лице е пронајдено во добра здравствена состојба, соопшти ЦУК Охрид.
„Сопругот, кој го пријавил исчезнувањето, информирал дека биле заедно да собираат печурки на различни локации низ шума. Кога требало да се сретнат на договореното место, кај нивниот автомобил, лицето не се појавило. Во потрага по исчезнатото лице била вклучена и единицата за спасување на планина со куче обучено за пребарување, екипа на полицијата од СВР Охрид, како и мештани од селото, и роднини на исчезнатата.
Потрагата траела за дел од трагачите до еден часот по полноќ, дел од мештаните и роднините останале на терен. Утрово во 5 часот сите екипи излегле на терен, по што за кратко време изгубеното лице било пронајдено“, соопшти ЦУК Охрид.