Пронајдена масовна гробница во Газа, Палестинците бараат меѓународна истрага

by Fokus

Палестинските власти повикаа на меѓународна истрага откако во Газа беше пронајдена масовна гробница со тела во распаѓање на палестински затвореници со врзани очи и врзани со лисици.

Најмалку 30 тела се пронајдени во „црни пластични кеси“ во близина на училиштето Хамад во северниот дел на Газа, при што палестинските власти ги обвинуваат израелските војници за убивање цивили „во стил на егзекуција“.

Палестинското Министерство за надворешни работи повика на меѓународна истрага за, како што ги опиша, израелските „масакри“, барајќи тим да ја посети Газа „за да се открие вистината и димензиите на геноцидот на кој се подложени“.

Сведоците за Ал Џезира изјавија дека луѓето биле со врзани очи, мачени и убивани, по што ги ставале во вреќи.

„Додека чистевме, наидовме на куп шут внатре во училишниот двор. Бевме шокирани кога дознавме дека има десетици тела под тој куп“, изјави еден од сведоците за Ал Џезира.

„Во моментот кога ги отворивме црните пластични кеси, ги најдовме телата, веќе распаднати. Тие беа со врзани очи, а рацете и нозете им беа врзани“, додаде тој.

„Тие имаа пластични лисици на рацете и нозете, а платнени ленти на очите.

Хамас рече дека организациите за човекови права треба да ја „документираат“ масовната гробница.

„Ова одвратно и други злосторства извршени од неонацистите врз нашиот народ ќе останат проклетство што ги прогонува. Ќе дојде ден кога тие ќе одговараат за нивната бруталност и злосторства кои ги надминуваат најстрашните повреди познати на човештвото во модерната ера“, се вели во соопштението на палестинската вооружена група на Телеграм.

Новинарот на Ал Џезира, Тарек Абу Азум, кој известува од Рафа во јужна Газа, рече дека „состојбата на овие тела се движи од лошо распаднати до скелетни остатоци, што ја отежнува нивната идентификација“.

Палестинската адвокатка за човекови права Дијана Буту изјави за Ал Џезира во четвртокот дека овој инцидент „е самата причина зошто Израел беше изведен пред Меѓународниот суд на правдата“.

Буту додава дека откриената масовна гробница е „јасно воено злосторство“ и тврди дека мора да се истражи.

Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да ги преземе „сите мерки во негова моќ“ за да избегне палестински жртви и дејствија што би можеле да претставуваат „геноцид“.

Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека откривањето на масовната гробница е доказ за формите на „геноцид извршен од окупаторските сили врз нашиот народ во Појасот Газа без одговорност или надзор“.

Палестинските затвореници се рутински малтретирани од страна на израелските сили, изложени на неколкунеделно затворање на непознати локации, тепани и вербално малтретирани.

 

Поврзани новости