Промовирана мрежата на жени во медиумите „Еднаква“

by Fokus

Формирањето на оваа мрежа е резултат на неправдите, дискриминацијата, кршењето на правата на новинарките и медиумските работнички
Обединување на жените во медиумите, новинарки и медиумски работнички во одбрана на нивните професионални и работнички права е главната цел на женската медиумска мрежа „Еднаква“ којашто беше промовирана во вторникот, на 10 декември 2024 година, во Скопје.

„Еднаква“ е неформална мрежа создадена од самите новинарки и медиумски работнички во процес на повеќемесечни средби, консултации и обуки и ќе дејствува во рамките на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Како што кажаа на пресот членките на работното координативно тело на мрежата, оваа мрежа ќе биде место каде што жените од медиумите ќе може да се обратат, и не само да бидат слушнати, туку и разбрани и да добијат поддршка.

Според нив потребата за формирање на оваа мрежа е резултат на неправдите, дискриминацијата, кршењето на правата на новинарките и медиумските работнички, но нејзиното дејствување ќе ги опфаќа и генерално предизвиците на жените во општеството, како и подобрување на известувањето за родовосензитивни теми.

„Ќе го кренеме гласот и за сите напади, закани, сексизам, дискриминација, говор на омраза и насилство во интернет просторот, а насочен кон нарушување на личниот интегритет на жените во медиумите со цел нивно заплашување и обезвреднување на нивната работа. Ова е проблем кој не запира, туку добива на замав и со тоа се нормализира“, рече новинарката и претседателка на координативното тело на мрежата Марија Митевска.

Според иницијаторите, мрежата треба да биде една средина која нуди солидарност, почит, поддршка, разбирање и инклузивност.

„Посветени сме на поддршка на жените во медиумите, проширување на мрежата, едукација и создавање средина каде родот нема да биде пречка за постигнување, изразување мислење, заземање на заслужената позиција или остварување на кое било основно човеково право, дури и на работното место“, рече членката на координативното тело на мрежата Фатљуме Дервиши.

Една од главните цели на мрежата според новинарката Тамара Грнчароска ќе биде адресирањето на сѐ поголемиот број на напади врз новинарките и медиумските работнички.

„Новинарките и медиумските работнички во Македонија трпат повеќе онлајн и физички закани и напади од мажите. Ова го потврдува процентот на пријавени напади од страна на новинарките до новинарските здруженија, но и анкетите за безбедноста на новинарите спроведени во изминатиот период, што ја покажува ранливоста на жените вработени во медиумската сфера“, порача Грнчароска.

Во наредниот период преку ССНМ ќе информираме како сите заинтересирани ќе можат да станат членки на мрежата. Зачленувањето ќе биде бесплатно, но клучно е да добиеме на бројност со цел да имаме поголема репрезентативност во натамошното дејствување.

Формирањето на мрежата беше поддржано од Британскиот совет, а спроведено од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Поврзани новости