Поранешниот амбасадор, д-р Петре Наковски, ја промовираше својата нова книга „Ноќни белешки”, настаната во текот на неговиот петгодишен престој во Полска (1995 – 1999) како прв амбасадор на независна Република Македонија во Полска.
Во книгата на 810 страници со фотодокументација од многубројните настани, во вид на мемоари, записи, дневник, неговите белешки на непосреден начин говорат за неговите дипломатски искуства. Токму поради тоа, книгата особено е задолжително четиво за актуелните и идните дипломати.
-Се што сторив и како сторив, ноќе го бележев со цел и желба, да остане како белег за времето и можеби како дел од историјата на македонската дипломатија, но и како сведоштво во градењето на трајниот споменик на македонско-полското пријателство. Така се пополнети околу три илјади страници, кои цели триесет години заедно со цел куп фотографии лежат на полиците на домашната библиотека. По наговор и настојување на мојата сопруга Дитта и на мојата ќерка Миленка,и со помош на ќерка ми магистер Татјана Пеливанова,само дел од нив ги објавив во облик на дневник, истакна Наковски во своето излагање.
Наковски посочи дека не било секогаш лесно, дека имало и тешки моменти, но за него било чест и привилегија да ја афирмира државата.
-Мојата петгодишна дипломатска мисија во Република Полска ја завршив со над дваесет потпишани договори или подготвени за потпишување во чија содржина е внесена заемната потреба за сестрана соработка меѓу двете држави и, со стотици службени средби, разговори и договори. Секогаш и секаде од полските домаќини бев приман со срдечна топлина и отворени симпатии кон нашата држава. Голема привилегија и чест за мене беше познанството и средбите со многу истакнати личности од сите средини на полското општество, посебно од областа на културата, уметноста, науката, литературата, новинарството, стопанството, дипломатијата, со високи фукционери на државната управа, како и со голем број добронамерни и наклонети поранешни полски дипломати и голем број личности од Дипломатскиот кор, од кои многу научив, а и тие од мене многу научија за Македонија. Примив и испратив министри, експерти, делегации, претседатели на парламенти и држави, кои на свој начин придонесоа во јакнењето на заемната соработка, рече Наковски.
На промоцијата присуствуваа членови на Дипломатскиот клуб – Скопје, како и претставници од јавниот и културниот живот на земјава.
Промоторот на книгата беше амбасадорот Јован Теговски, а пригодно обраќање имаше и заменик амбасадорот во Aмбасадата на Република Полска во Македонија, Ана Каспшах.
Рецензентот на книгата, Драган Јањатов, истакна:
,,Петре раскажува подробно и сликовито како да витка филигран или извезува гоблен, под вечната сенка на „Егејската тема“, која е неговото неизбежно мото и вечното „веруј“ во творештвото, работата и животот. Ова тема во 60 и 70 години од минатиот век остави длабоки траги во македонската современа литература и го подигна нивото на изразните вредности на цела една генерација македонски писатели и поети, како Ташко Георгиевски, Ката Руменова Мисиркова, Кица Колбе, Коле Мангов, Паскал Гилевски, Петар Ширилов, Васил Пујовски и редица други, и секако и на нашиот Петре Наковски. За тоа, тој постојано ги бара причините и ги утврдува последиците на тоа што му се случило, или му се случува во животот и околу него. „Неуморно ги анализира и проверува фактите“, како што за него, пред многу години, ќе напише академик Гане Тодоровски”.
Рецезентот порача и дека во книгата ,,Ноќни белешки”, Наковски на извонредно сугестивен начин и со инспиративна нарација го одбележува своето повторно враќање во оваа пријателска земја, како прв амбасадор на слободна и независна Република Македонија во Република Полска.
-Една чудесна сатисфакција, но и нов животен и професионален предизвик, бидејќи Наковски повторно влегува во една ново искушение и борба за меѓународно признавање на државноста и суверенитетот на сопствената земја, и тоа во земјата во која како бездомно дете, се школувал и образувал. Ете тоа, со многу поединости и детали, но со длабока возбуда и многу позитивни емоции е раскажано на повеќе од 800 страници во оваа книга, што на сите вам срдечно ви препорачувам задолжително да ја прочитате. А како што ќе видиме, тој пат на Наковски не бил краток ниту лесен. Требало да се поминат и совладат многу препреки, да се отсранат многу дилеми и недоумици, да се претрпат и порази и падови во таа почетна, пионерска работа. Создавањето држава со сите нејзини општествени и политички институции, особено во специфични за Македонија историски и геостратешки услови беше и се уште е врашки тешка рабата, но како што гледаме уште потешка работа е таа државност трајно да се зачува и етаблира. Потребни се многу труд и знаење да се истрае на тој пат до крај. Тоа се дилемите во ноќните белешки на Дипломатот и писател Петре Наковски, што ги споделува со сите околу себе, истакна
Јањатов.
Петре Наковски е роден на 17 јули 1937 година, во Крчишта, Костурско. Тој е прозаист, член на ДПМ од 1989 година, автор на неколку романи што го третираат прашањето на егзодусот на македонското население во граѓанската војна во Грција.
Валентина Вурмо