Аерозагадувањето, отпадот, несоодветната туристичка понуда и нелојалната конкуренција влијаат врз развојот на туризмот. Туристичките работници бараат системски мерки од надлежните институции и долгорочна кампања за подигнување на јавната свест за фрлање отпад и поголема ажурност од комуналните претпријатија и општините. Велат дека во зимскиот период и да нема туристи во државата.
Претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Владимир Граматиков вели дека не може да развиваме туризам, ако екологијата е на ниско ниво.
– Насекаде околу нас има отпадоци, полни контејнери и ѓубре наместо жарденери со цвеќе. Промовираме планински туризам и доаѓаат странски туристи кои уживаат во убавините на планините, но отпадот кој го има насекаде останува трн во око. Ова е срамно за една држава која сака да се етаблира во регионот како добра туристичка дестинација. Туристите кога ќе ги прашаме за нивните импресии велат дека се задоволни од храната и гостопримството, но велат дека многу е валкано и оти мора да работиме на екологијата, истакна Граматиков на денешната прес-конференција.
Аерозагадувањето, според него, остава лош впечаток бидејќи туристите кога доаѓаат во земјава, не знаат за загадувањето, но потоа кога се враќаат во сопствените држави, тоа го пренесуваат и сето тоа негативно се рефлектира на следните тури што треба да дојдат.
Од друга страна, нема атрактивна туристичка понуда, а за дозвола за преадаптација на туристички комплекс, како што посочија, се чека дури и по пет години.
– Немаме туристи затоа што немаме адекватна понуда. Во Охрид на пример хотелите се соочуваат со сериозни проблеми и чекаат за дозвола од Министерство за транспорт и врски повеќе од пет години за да можат да направат определени промени или спа центари за да имаме продукт зимско време. Ова е еден од проблемите, нагласи Кузмановски, додавајќи дека има и недоволно инвестиции во зимските туристички центри.
Сметаат дека треба вниманието да се сврти и кон агенциите што носат туристи во државата бидејќи тоа би значело зголемен број туристи, поголем прилив на средства и развој на економијата.
На 12 и 13 декември во Скопје ќе организираат конференција на која ќе ги понудат своите решенија за надминување на сегашните состојби во туризмот.