На 03 февруари (сабота), со почеток во 12 часот ќе се оддржи промоцијата на книгата „Чичко маестро Џамбаз – во светот на децата“ во Дебар Маало, на улица „Орце Николов“, посветена на композиторот и диригент Александар Џамбазов, од познатите македонски музички публицисти Бранка Костиќ-Марковиќ (автор на воведниот текст) и Марко Коловски (автор на нотографиите). Ова издание претставува збирка на песни од маестро Александар Џамбазов, еден од нашите најистакнати македонски композитори, диригенти и втемелувачи на македонската популарна и детска музика. Изборот на композициите, кој опфаќа 52 песни за деца од предучилишна и училишна возраст, е направен од страна на самиот Џамбазов за време на неговиот живот.
Како што вели авторката Костиќ-Маровиќ во воведот, насловот на збирката не е случаен. Сите „славејчиња“, поранешни солисти на познатиот фестивал на детска песна „Златно славејче“ и хористите на детскиот хор „Развигорче“, го нарекуваа својот диригент Александар Џамбазов, кој ги водеше низ живата фестивалска изведба, „Чичко маестро Џамбаз“. А тој возвратно, на шега, ги нарекуваше „златни гавранчиња“. Песните издвоени во оваа збирка денеска претставуваат своевидни детски евергрини за сите генерации, а авторскиот тим и издавачот ценат дека изданието ќе биде и одлично дидактичко средство и извор на квалитетен дополнителен материјал за денешните одделенски и предметни наставници во реализирањето на наставата по музичко образование, но и на секој истражувач и љубител на детската песна, вклучувајќи ги и децата.
Оваа промоција ќе биде дел од еден поголем настан, „За Маестрото“, кој е во организација на синот на маестро Џамбазов, Игор Џамбазов и Општина Центар, по повод сеќавање на животот и делото на композиторот, токму на денот на неговиот роденден, 3 февруари. На самиот настан ќе биде откриен и муралот со ликот на Александар Џамбазов, во срцето на Дебар Маало. За таа цел е подготвена и мала музичка програма во која заедно со дел од поранешните „Златни славејчиња“ и „Развигорчиња“ под диригентство на Запро Запров, ќе „оживееме“ четири детски евергрини, кои се вброени во изборот на нотографии во книгата. Тоа се безвременските песни на нашето детство, на детставата на многу генерации, „Песна за Скопје“ („Градот убав“), „За сите деца“, „Мојата учителка“ и „Еј, гулаби, гулаби бели“, за чија изведба специјално од Битола ќе допатува оригиналното „Златно славејче“ од 1972 година, Билјана Дамјановска Јанчевска.
Книгата е достапна во поголемите книжарници како и онлајн преку www.literatura.mk.