Промоција на „Се викам храброст“ во рамките на „Денови на литературата“

by Fokus

Новата книга за деца и млади „Се викам храброст“ со 50 инспиративни приказни од животот на македонските хероини ќе биде промовирана денеска (11 февруари), со почеток во 18 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.

На настанот ќе присуствуваат дел од жените застапени во делата: Зорка Тодорова-Младеновиќ (костимографка и модна дизајнерка), Олга Муџева-Шкариќ (професорка), Бисера Чадловска (диригентка), Ема Ананиевска (пијанистка), Ива Матиќ (пилотка), Мартина Димоска (аналогна космонаутка), Јасмина Атанасова-Симјановска (оџачарка), како и претставници од семејствата на хероините што веќе не се меѓу нас. Кон делото ќе се осврнат и уредничката Надица Фирфова, графичката дизајнерка Анета Илиевска и книжевникот и публицист Иван Антоновски.

Оваа книга во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е посветена на 50 исклучителни жени од нашето минато и од нашата сегашност. Од Сирма Војвода до Вера Ацева и Илина Арсова, ова дело зборува за жени кои со својот дух, упорност и истрајност успеале да се афирмираат како силни женски личности кои ќе го посветат животот или, пак, ќе го дадат својот живот за повисоки цели и за исполнување на нивните сништа.

Книгата „Се викам храброст“ е наменета за помладата читателска публика и за сите оние што бараат инспирација. Идејата за создавање вакво дело е токму тоа – да им се даде насока и мотивација на младите девојчиња да го пронајдат својот животен пат низ примери што ќе ги инспирираат. Сите личности застапени во оваа книга се избрани мошне внимателно за да послужат како поттик на младите читатели во пронаоѓање на целта на сопствениот живот. Низ овие инспиративни приказни во кои преовладуваат ентузијазам и храброст, да се охрабрат и да согледаат дека трудољубивоста и пожртвуваноста за постигнување одредена цел носи огромно задоволство и високо чувство на самопочит. Иако низ македонската историја има уште многу женски имиња кои нè задолжиле со своите лик и дело, нашиот избор на овие педесет женски ликови е со цел да се опфатат личности од различни периоди од нашата историја и современост и од различни области: историја и народноослободителната војна, политика, култура, наука, медицина, необични професии за жена, спорт итн. Пораката на ова издание е да бидеме љубопитни, храбри, вредни и да си поставуваме високи предизвици, а потоа напорно да работиме за да ги постигнеме. И никогаш, никогаш, да не престанеме да сонуваме – исто како и хероините на „Се викам храброст“.

Програмата со настани утре (12 февруари, среда) ќе продолжи со промоцијата на новата книга „Неочекувано“ од Ана Мовска, со почеток во 19 часот во „Литература.мк“ во „Сити мол“. Романот во издание на „Арс Ламина“ ќе го претстават Билјана Герасимовска, Ивана Трајаноска и Бисера Бендевска.
В четврток (13 февруари), во соработка со „Џез ФМ“, ќе биде одбележан светскиот ден на радиото, со концерт на „Скопје џез инк“ „ во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во 21 часот. Концертот ќе се пренесува во живо на добро познатата фреквенција на „Џез ФМ“ – 100.8 ФМ.

Следниот ден, (14 февруари) ќе биде одбележан Денот на вљубените, со целодневниот настан „Состанок на слепо со книга“. Имено, „сингл“ посетителите на „Кафе Литература“ во „Дајмонд мол“, „Скопје сити мол“ и „Ист гејт мол“ ќе добијат подарок книга.

За време на викендот, на програмата повторно се настани за младите читатели. В сабота (15 февруари) во 12 часот во „Литература.мк“ во „Ист гејт“ ќе се одржи настан за сите фанови на најпопуларниот волшебник Хари Потер. На настанот обожавателите можат да дојдат маскирани во омилените ликови од овој волшебен серијал, а ќе има квиз на знаење и работилница за најмладите. Истиот ден, во 12 часот, во „Литература.мк“ во „Сити мол“, ќе се одржи дружба со Стела и Сани.

В недела (16 февруари), најмладите повторно ќе се дружат со Биби и Боби, овој пат точно напладне, во книжарницата во „Дајмонд мол“.
Во рамките на петтото издание на „Денови на литературата“, што се одржува од 7 до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“ се понудени попусти на книги до 70 %, грепки со подароци, книжевни промоции, интерактивна програма за деца и за фанови инспирирана од Хари Потер, Покемон и Исидора Мун, како и дружби со Биби и Боби и Стела и Сани.

Во продажната акција има попусти на најбараните книги за возрасни и за деца од 18 македонски издавачки куќи: „Арс Ламина“, „Академска книга“, „Антолог“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Ид-концепт“, „Или-или“, „Мартина“, „Муза“, „Нампрес“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Сказнувалка“, „Слово“, „Светот на Биби“, „Три“ и „Чудна шума“.

Продажната акција „Денови на литературата“ се одвива во сите книжарници на „Литература.мк“, во: „Дајмонд мол“, „Скопје сити мол“, „Ист гејт мол“, ТЦ „Буњаковец“, на ул. „Македонија“ во Скопје, во Битола (на „Широк сокак“) и во Струмица, како и на најголемата е-книжарница www.literatura.mk.

„Литература.мк“ подготви и изненадувања за своите посетители – со купени книги во книжарниците во вредност од минимум 1500 денари следува грепка со подарок. Меѓу подароците се: комплети со книги од Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Блаже Конески, Орхан Памук, Милан Кундера, Д-р Неле Карајлиќ, Барак Обама и Мишел Обама, серијалите Хари Потер и „Темната граѓа“, „Прва училишна енциклопедија“, „Мојата прва библиотека“, „Мали умни глави“, детски класици на англиски јазик, како и блузони, зимски капи и друго. Секоја грепка е добитна!

Поврзани новости