Промоција на „Костимот во Македонија“ во рамките на „Олабај“ – офф-програмата на фестивалот „Браќа Манаки“

by Fokus

Фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ ќе биде промовирана на 23 септември (понеделник), во 18 часот, во КЦ „Магаза“ во Битола. Настанот е во рамките на „Олабај“ – офф-програмата на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Промоторка на книгата ќе биде Наде Геневска-Брачиќ, етнолог и кустос-советник во НУ Завод и музеј – Битола, воедно и авторка на едниот предговор во книгата, а модераторка ќе биде уредничката Бисера Бендевска. „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и е поддржано од Министерството за култура, како дело од национален интерес.

Ова е второ претставување на „Костимот во Македонија“, по промоцијата во Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје, во март оваа година. Книгата ги сублимира сознанијата и знаењата здобиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмски и музејски костимограф. Повикувајќи се на големите студии на проф. д-р Ѓорѓи Здравев за македонските народни носии, на д-р Воислав С. Радовановиќ, кој се фокусирал на раскошноста на мариовската носија и на неколкумина други македонски стручни лица, етнолози, и потпирајќи се на својот вроден раскажувачки талент, Тодорова-Младеновиќ создаде читлив и рецептивен текст интересен за стручната јавност, но и за секој љубопитник што го интересира развојот на облеката во Македонија од првите фотографски записи, па до денес.

Стилот на пишување е белетризиран и збогатен со цитати од македонската книжевност, конкретно од романот „Крпен живот“ на Стале Попов во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20 век во Македонија, кои зборуваат за други аспекти на облекувањето во тоа време. Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата.

Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е моден креатор, костимограф, автор и новинар. По дипломирањето на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 година, се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и музичко-забавни емисии. Истовремено работи костимографии и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театарски претстави (во Драмски театар, Кумановски театар, Битолски театар, Театар на националностите, Театар „Пралипе“ итн.). Во текот на својот работен век пишува и текстови за мода во македонските дневни и периодични изданија („Починка“, „Екран“, „Вечер“, „Нова Македонија“, „Журнал“, „Просветена жена“ и др.), а одреден период го уредува специјализираното списание „Текстилен информатор“. По пензионирањето, Тодорова-Младеновиќ реализира околу 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како и во Археолошкиот музеј во Скопје.

Книгата „Костимот во Македонија“ е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

ПР

Поврзани новости