Промена на Уставот: не за шансите, туку за влогот

by Фокус

Претставниците на големите сили, кои ја држат рамката на светската политика, тоа јасно ни го кажуваа и во Скопје: ако не ја исполните зададената задача, ние не можеме веќе да ви помогнеме. Преговорите ќе се прекинат, а прашањето ќе се одложи за идни времиња

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Како што ни кажува нашиот триесетгодишен „пат кон Европа“, не е доволно само да си на вистинскиот пат – мораш да се движиш со брзината што се бара од тебе.

Како да се постигне европската брзина во случајот со задачата што е пред нас: промена на Уставот со дветретинско мнозинство од пратениците?

Така што ќе престанеме да дебатираме за шансите за такво мнозинство и ќе се сосредоточиме на влогот, европската иднина на нашата држава. Ако во нашата политичка дебата ја загубиме од вид суштината и ако сѐ се сведе на сензации и шпекулации, народот и државата ќе загубат.

Дека не може да се постигне единство меѓу политичките партии по ова прашање зашто стана „изборна тема“, е јасно како ден. Не помагаат ниту апели за единство.

СО НОВО ВЕТО ОПАСНО ЌЕ ЗАГЛАВИМЕ

Такво единство немало ни на почетокот од независноста, кога државата сѐ уште не беше меѓународно призната, па политичарите ризикуваа да ја загубат, а камоли сега кога сме членка на ОН и на НАТО и си замислуваат дека е вечна.

Значи, она што се очекува од претседателот и од владата е заеднички да се борат, така да кажам, до последен здив, за она што веруваат дека е исправно. Своите убедувања треба да му ги објаснат на народот, а не да ни кажуваат колку е тоа невозможно.

Потребно е да зборуваат за влогот, а не за шансите за мнозинство. А влогот е огромен и не смееме да го прокоцкаме. Зашто, ако дозволиме уште еднаш, како пред три години, да западнеме во ќор-сокак, во ново вето, опасно ќе заглавиме.

Претставниците на големите сили, кои ја држат рамката на светската политика, тоа јасно ни го кажуваа и во Скопје: ако не ја исполните зададената задача, ние не можеме веќе да ви помогнеме. Преговорите ќе се прекинат, а прашањето ќе се одложи за идни времиња.Што ќе значи тоа за државата? Што добиваме, а што губиме?

Ете тема за политичка дебата. Држејќи се за суштината, секоја страна во македонската политика може детално да објасни каков е влогот: и тие што мислат дека ништо нема да се промени со запишувањето на бугарското малцинство и тие што сметаат дека со неговото запишување во Уставот се загрозува македонската нација.

СПОРОТ МОЖЕ ДА ГО РЕШАТ ДРЖАВНИЦИ

Вака, целата дебата е: владата мисли дека ќе има мнозинство, претседателот се сомнева, а опозицијата вели дека нема да гласа и не сака да разговара на темата.

Така, во македонската политика сѐ се сведе на идното гласање во Собранието, процес што го турка владата и верува во бројката, додека претседателот е скептичен и не верува во бројката. Во исчекување на исходот од гласањето настана молк.

Оние, од политиката, невладините и интелигенцијата, кои се изјасниле против францускиот предлог и промената на Уставот, не се ангажираат во суштинска дебата, оние кои се изјасниле „за“ гледаат како да „спасат глава“ од нападите за „предавство“.

Од ставот на копретседателот на историската комисија, дека не е работа на историчарите во комисијата да го утврдуваат идентитетот на Гоце Делчев, станува јасно дека тука веќе не треба да се бара решение. Нивната задача, ни беше кажано, е да ги поправат учебниците.

Сѐ појасно станува дека македонско-бугарскиот спор можат да го решат само државници од двете страни на границата.

Поврзани новости