Промена на изборниот модел за повеќе гласови за малите партии

by Fokus

Триесет и седум пратеници од 120 во актуелниот собраниски состав доаѓаат од помалите партии, а најголем дел од нив се дел од коалициите со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Дали може да се промени собранискиот состав за сметка на помали партии и да се разбие црно-белиот политички свет во земјава, според експертите зависи од промената на изборниот модел и воспоставување систем што ќе овозможи граѓаните да знаат дека нивниот глас вреди, но и од она што ќе го понудат партиите.

Промена на изборниот модел одамна заговараат помалите партии дел од владејачката коалиција, додека големите партии, според досегашните постапки, само декларативно се согласни со ова барање. Дотолку повеќе што работната група за нов изборен законик во Министерството за правда се уште не може да се состане бидејќи нема делегирано претставници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од Министерството за правда велат дека неколку пати барале од ВМРО-ДПМНЕ да делегира луѓе што ќе бидат дел од работната група за да може таа да почне со работа, но оти оттаму не добивале никаков одговор.

Пред новогодишните празници имаше партиски промени во неколку од помалите парламентарни партии, кои се надеваат дека на следни избори ќе освојат повеќе гласови.

Алијанса на Албанците, која во Собранието има осум пратеници за претседател го избра Арбен Таравари, кој е истовремено и градоначалник на Гостивар, а партијата почна и разговори за влез во Владата, но засега без исход.

Алтернатива на Африм Гаши има четворица пратеници и е дел од Владата, ама исто така во пресрет на уставните измени ја засили реториката и бара промена на формулацијата за употребата на албанскиот јазик во Уставот. ВМРО-НП е со еден пратеник и дел од коалицијата на СДСМ, која има 30 свои пратеници.

Беса има тројца пратеници, а нејзиниот претседател кој е градоначалник на Тетово, поддршката за уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата, ја услови со предвремени избори.

ГРОМ е со еден пратеник, кој во Парламентот делува со ВМРО-ДПМНЕ и е доста активен особено по скандалот со Олесандар Онишченко, како претседател на матичната комисија.

ДОМ е со еден пратеник, Маја Морачанин и ја застапува зелената агенда, а дел од нивните предлози се прифатени во рамки на справувањето со енергетската криза. Морачанин беше реизбрана за претседател на партијата.

Демократскиот сојуз и пратеникот Павле Трајанов е дел од владејачкото мнозинство, но смета дека се потребни избори и широка коалиција за излез од кризата.

Левица има двајца пратеници кои делуваат самостојно и е партија која според последната анкета на ИРИ има најголеми шанси на следни избори да освои поголем број мандати.

ДПА е со еден пратеник, нејзиниот претседател Мендух Тачи, кој е на страната на власта. ДПС е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, како и Демократската партија на Турците.

ЛДП со двајца пратеници е дел од коалицијата со СДСМ, но и кај нив имаше промени. За претседателка е избрана пратеничката Моника Зајкова, а на политичката сцена се врати и поранешниот партиски лидер и екс-градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, како министер за локална самоуправа. Зајкова почна да спроведува промени во партијата.

НСДП е со двајца пратеници, а меѓу нив и Горан Мисовски, потпретседател на Собранието, еден од најактивните пратеници со подолг стаж и сегашен претседател на партијата.

Партијата за движење на Турците е со еден пратеник, како и Партијата на пензионерите, кои се дел од коалицијата со СДСМ. СПМ има двајца пратеници и традиционално е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Од помалите партии со еден пратеник е и Српската странка.

Како независни пратеници кои делуваат како дел од коалицијата со СДСМ на собранискиот сајт стојат Зекир Рамчиловиќ и Санела Шкриељ.

Најголем број пратеници во Параламентот има ВМРО-ДПМНЕ 38, СДСМ има 30, додека ДУИ 15. Според сегашниот изборен модел, помалите партии коалицираат со големите партии пред изборите и имаат т.н. добитни места на заеднички листи. Па така тие имаат повеќе пратеници од освоени гласови.

 

Поврзани новости