Промена на ДУП-ови во Аеродром

Се предвидува бришење на маркици за станбен и деловен простор од 36.000 квадрати, но станува збор за пренамена во почетна фаза.

by Фокус

Веднаш по локалните избори, неколку новоизбрани градоначалници влегоа во процес на прекин на постапки за носење на нови урбанистички проекти, како и во измена на делови од веќе донесени урбанистички планови, бришејќи маркици и пренаменувајќи површини.

Во таа насока, новиот градоначалник на Гази Баба Бобан Стевковски експресно прекина неколку постапки отпочнати од времето на неговиот претходник Борис Георгиевски, кои, меѓу другото, претставуваа правна основа за изградба на хемиска индустрија во населбата Железара.

Со оглед дека се работи за неурбанизиран предел, таму не се исплати да се носи Детален урбанистички план, па општинската администрација во време на Георгиевски отпочна постапка за изработка на таканаречен урбанистички проект, со намена – хемиски третман на неопасен отпад.

Сепак, неговиот наследник Стевковски со решение ја прекина постапката за носење на овој проект, кој претходно не доби согласност ниту од Град Скопје, а воедно, како што се наведува во решението, се уште немал обезбедено позитивно мислење од Министерството за животна средина.

„Секоја дополнителна инсталација од ваков тип само ќе ја влоши состојбата со загадувањето на амбиенталниот воздух, водата, почвата и воопшто состојбата со животната средина и со здравјето на граѓаните“, стои во решението.

ПАРКОВИ НАМЕСТО ЗГРАДИ

Исто така, слични чекори беа преземени и во Општина Аеродром, чиј градоначалник Тимчо Муцунски, набргу откако стапи на функцијата, поднесе неколку иницијативи до општинскиот совет, кој даде согласност на неколку локации да се предвиди парковско зеленило наместо колективни згради, а на една локација да се гради градинка.

Како што велат за Фокус од Општина Аеродром, станува збор за 3 усвоени иницијативи од страна на Советот на предлог на градоначалникот за изменување на детални урбанистички планови во Реонски центар Аеродром, Стар Аеродром и Мичурин, со цел, истакнуваат од таму, обезбедување на похумани услови за жителите на овие населби.

„Станува збор за пренамена на две градежни парцели, наменети за изградба на општинска зграда и станбена зграда во Реонски центар Аеродром, во парковско зеленило, пренамена на две градежни парцели наменети за изградба на две станбени згради во Стар Аеродром, во парковско зеленило и предвидување на градежна парцела за градинка во дворот на ОУ „Блаже Конески“, на место на постоечкиот угостителски објект“, велат од Општината.

Од таму додаваат дека се работи за градежни парцели на кои со посточките ДУП-ови е предвидена изградба на повеќе од 36.000 квадратни метри станбен и деловен простор, кои, како што посочуваат, нема да се градат за да се зачува јавниот слободен простор и да се предвидат нови содржини во интерес на сите граѓани.

Според информации на Фокус, не се пренаменуваат површини во приватна сопственост со веќе издадено одобрение за градење, туку површини каде е вцртана градежна маркица, но се уште се во државна сопственост. На тој начин, општината нема да инкасира средства од продажба на земјиштето и по основ на наплата на комуналии за градба, но нема поголеми финансиски импликации.

ДАЛЕКУ ОД ЗАВРШЕНА РАБОТА

Познавачите што ги консултиравме објаснуваат дека, всушност, пренамена на површини во рамки на веќе усвоен Детален урбанистички план претставува носење на нов ДУП, кој е на ранг со секој друг општ правен акт или пропис. Патем, истакнуваат тие, измената на планот ја поминува истата процедура како и усвојување на првичниот план.

-Планот може да биде сменет со нов план во истата процедура со која на крај е изгласан од општинскиот совет. Поднесувањето на иницијатива е само почетна фаза и далеку од завршена работа. Оваа процедура е инклузивна и долга, и доколку се би завршило во идеален рок, тоа би значело најмалку 4,5-5 месеци – објаснува универзитетскиот професор Мирослав Грчев.

Што предвидува Законот? Имено, општинскиот совет прво ја вградува иницијативата во план за донесување на урбанистички планови. Потоа, Советот треба да предложи нова програма, во која ќе биде вклучена оваа иницијатива. Па, следна фаза е распишување на тендер за изработувач на планот.

Паралелно со тоа, се нарачува планска програма, што впрочем ја одредува содржината на планскиот опфат. Дури потоа почнува постапката за ДУП, така што се бараат податоци за теренот, ажурирани геодетски подлоги, како и податоци од сите надлежни институции и јавни претпријатија.

Потоа, се прави работна верзија на планот која се праќа на мислење низ институциите, а работната верзија се дава и на стручна ревизија во општината. Во меѓувреме, според еден новитет во законот, планот се излага пред партиципативно тело од сите заинтересирани слоеви-граѓани стручаци…

Понатаму, планот излегува пред совет за да се донесе нацрт-план кој потоа оди на јавна презентација и јавна анкета, која трае од 30 до 90 дена. Кога ќе се собеат забелешките, комисија ги прифаќа или ги отфрла. Така, дотераниот план се праќа и во Град Скопје и во Министерство за транспорт, па, ако е издадена согласност, се усвојува од општинскиот совет.

Влатко Стојановски

Поврзани новости