ПроКредит Банка отвори Регионален центар за обука на вработени

by fokus

ПроКредит Банка официјално го отвори новиот Регионален центар за обука, кој е лоциран во Превале, Косово, а ќе биде наменет за обука на вработени од сите банки во групацијата.

Регионалниот центар за обука, ќе обезбедува напредни курсеви за обука и продлабочување на професионалното знаење на вработените во ПроКредит Банките во регионот. Обуката за вработените ќе биде приспособена на областа во која работат со цел подобрување на нивните аналитички и интерперсонални вештини. Дополнително во овој центар за обука ќе се спроведува и ProCredit Entry Programme, која е обука за потенцијалните вработени во сите ПроКредит банки во регионот и се одвива централизирано, само на англиски јазик. ПроКредит Банка, на групациско ниво, инвестира околу 12 милиони евра годишно во обука и развој на своите вработени.

„Успесите и одржливоста што ги покажуваме во нашето работење се директен резултат на нашата посветеност за постигнување на целите согласно мисијата и визијата на банката. Меѓутоа, не можеме да постигнеме ниту една од тие цели без тим од мотивирани, посветени и добро обучени вработени. Затоа, постојаното вложување во обука и развој на нашите вработени за нас е од особено значење. Ние веруваме дека изборот на Косово како локација за Регионалниот центар за обука дополнително ја покажува посветеноста на групацијата ПроКредит на подобрување на едукацијата, развивање на банкарскиот сектор и промовирање економски развој во земјата. Вкупната инвестиција во Регионалниот центар за обука изнесува над 3,2 милиони евра.“ изјави Илир И. Алиу, Генерален директор на ПроКредит Банка Косово и член на Надзорен Одбор на ПроКредит Банка Македонија.

Г. Борислав Костадинов, член на Управен Одбор на ПроКредит Групација изјави: „Новиот центар за обука во Превале, Призрен, покажува дека сме сериозни кога станува збор за обезбедување стимулативна средина за целиот наш персонал во која тие можат дополнително да ги развијат нивните вештини и да учат еден од друг“.

На официјалното отварање на настанот присуствуваа Министерот за финансии на Р.Косово и Заменик гувернерот на Централната банка во Косово  кои потенцираа за значајноста на Регионалниот центар за обука во поглед на поквалитетен банкарски кадар на пазарот во Европа, а Германската Амбасадорка во Р.Косово, НЕ г-ца Ангелика Виетс потенцираше: “Горди сме што можеме да кажеме дека ПроКредит Банка е германска банка со германски капитал и стандарди“.

Како и Централната Управа на ПроКредит Банка во Македонија, така и регионалниот центар за обука е изграден во согласност со највисоките стандарди за заштита на животна средина. Во објектот се направени инвестиции за современа термичка изолација, фотонапонски систем за производство на енергија, соларен систем за греење вода и капацитети за греење што користат дрвени пелети. Објектот се наоѓа на 3.300 m² поден простор, со 32 простории и 4 предавални, како и рекреациони области на отворено и на затворено.

Поврзани новости