ПроКредит банка 20 години е лидер во воведувањето модерни банкарски услуги

by Fokus

Во изминатите 20 години плодна и успешна работа во Македонија, ПроКредит банка поддржа над 4.000 македонски компании со над 60.000 кредити, со вкупен обем од 2,2 милијарди евра, од кои 800 милиони евра се поддршка за нови инвестиции и развој.

– Денес, ПроКредит банка е еден од главните играчи во македонскиот банкарски сектор, со кредитно портфолио од речиси половина милијарда евра, од кои 90% се кредити за поддршка на бизниси и пазарен удел од 15%.  Особено е значаен и квалитетот на нашето кредитно портфолио кое е на високо ниво и континуирано изнесува под 2%, што е значително подобро од нивото на банкарскиот сектор во земјата, вели во интервју за Фокус,  претседателот на Надзорниот одбор Јованка Јолеска – Поповска.

ПроКредит Банка од првиот ден внесе конкуренција и новитети на банкарскиот пазар, како и  германски принципи на организација на работата и селекција и креирање на својот кадар.

Главниот фокус на банката е првенствено поддршка на мали и средни компании, дигитализацијата и општественото и одговорното работење.

ФОКУС: ПроКредит банка, на македонскиот пазар е веќе 20 години, колку што и вие сте на раководни позиции на банката, како почна со работа банката и кои беа некои специфики што би ги издвоиле од нејзиниот развој?

ЈОЛЕСКА-ПОПОВСКА: ПроКредит банка, на македонскиот пазар влезе во 2003 година, со јасна визија за остварување позитивно влијание и развој на македонската економија, како германска инвестиција, која почна од нула.

Она што беше специфично за почетокот е тоа што целиот кадар беше составен од млади луѓе, тукушто завршени со образование, без никакво банкарско искуство, но со голем ентузијазам и желба за работа и за личен развој. Со оглед на тоа што банката немаше никакви активности кога беше формирана, сите тие беа пратени на обука во соседните земји, како Србија, Босна и Бугарија. Значи воопшто не беше земен кадар од постоечките банки, со исклучок на неколку менаџери од доменот на финансии и платен промет.

И покрај тоа што ова беше подолгорочен и поскап процес на почнување со работа на банката, целта беше да се развие сопствен професионален кадар со високи корпоративни и етички вредности, кој понатаму ќе се развива и во менаџерски структури потребни за развојот на банката. Другата специфика беше тоа што од почетокот банката почна да опслужува една ниша на пазарот, која воопшто не беше адресирана од постоечките банки.

Станува збор за микро и многу мали бизниси, кои во тој период беа производ на транзициската економија. Во добар дел, тоа беа едноставни семејни бизниси, честопати и самовработувања, кои не беа регистрирани како формално правни субјекти, немаа официјални биланси, ниту, пак, имаа регулиран работен статус. За традиционалното банкарство во тоа време, ова беше непозната и ризична категорија за воопшто да бидат земени предвид како потенцијални клиенти, особено и поради фактот што тие немаа никаква кредитна историја.

Тоа, пак, беше возможно да се направи со ПроКредит поради различниот пристап и анализа на овие бизниси со директно присуство на нашите вработени кај клиентите. Целта беше да се разбере нивниот бизнис-модел, да се направи детална анализа и добра кредитна проценка и да се одобри кредит, кој клиентот ќе може да го плаќа  од реализираниот профит. На тој начин се поставија основните принципи на одговорно банкарство, со цел да не се оптовари бизнисот со кредит, кој клиентот нема да може да го врати. Оваа иновативна методологија не беше вообичаена во тоа време и направи револуција во начинот на банкарското работење во Македонија.

Одговорниот пристап на банката кон кредитирањето помогна да се изгради  долгорочна доверба со овие компании, кои со нас за првпат отвораа сметка во банка, за првпат создаваа кредитна историја и за првпат имаа банка-партнер, која не ги гледаше само низ призмата на својот сопствен профит, туку со поддршката што им ја даваше, гледаше долгорочен развој на нивните бизниси.

 ФОКУС: Вие бевте и прва банка што ја донесе дигитализацијата во работата со клиентите во банкарскиот сектор во нашата земја. Дали дигитализацијата дава ефекти и како тоа влијае врз клиентите на ПроКредит банка?

ЈОЛЕСКА-ПОПОВСКА: Да, точно, ПроКредит банка е лидер во воведувањето модерни банкарски услуги преку кои на клиентите им овозможивме флексибилност, безбедност, приватност и достапност на банката во секое време. Од 2015 година, традиционалните филијали на банките ги заменивме со зони 24/7, нудејќи нов модел на банкарско работење, кое исклучиво работи преку дигитални канали. Ние бевме и првите што воведовме платформа што ги дигитализира кредитните и административните барања на клиентите, овозможувајќи им на клиентите да потпишуваат апликации и договори за кредити и гаранции по електронски пат – брзо, едноставно и безбедно.

И да, сево ова дава значителни ефекти, особено на страната на клиентите, кои добиваат брзина, не чекаат на банкарски шалтери (впрочем ние и немаме шалтери), имаат автономност и независност во извршување на банкарските трансакции преку платформи, кои се безбедни, точни и прецизни. Од друга страна, придобивките од страна на нашата банка се дека нашите вработени не се занимаваат повеќе со едноставни автоматски трансакции, ниту со броење пари. Тоа не е работа од соништата за амбициозни професионалци, кои завршиле високо образование и сакаат интелектуален предизвик во работата.

Нашите вработени се занимаваат со многу покомплексни работи во делот на кредитната проценка на капацитетите на клиентите, неприкосновена комуникација и услуга со истите. Или уште поконкретно, во случајот на дигитализација, активно работат на промовирање на придобивките од истата и кај компаниите што работат со нас. Нашата цел е да им помогнеме на бизнисите да ги користат најновите технологии за да ја подобрат нивната конкурентност, да го забрзаат нивниот раст и да ги подобрат нивните финансиски резултати.

Самиот факт што банката е високодигитализирана, ја прави услугата и за физичките лица мошне брза, ефикасна и квалитетна. Токму затоа нашата банка е мошне привлечна за клиентите што се во трка со времето, што сакаат квалитетна услуга, но и автономност во завршувањето на нивните трансакции, и тоа сѐ повеќе се рефлектира преку константен раст на број на нови клиенти во банката.

 ФОКУС: ПроКредит групацијата веќе подолго време дава сопствен пример за водење грижа за екологијата и корпоративната одговорност, генерално. Можете ли да го квантифицирате вашето групациско влијание или да дадете некои примери на ваши активности?

ЈОЛЕСКА-ПОПОВСКА: Како банка, свесни сме за влијанието што нашите активности, одлуки и начин на работа го имаат врз животната средина, економијата и општеството. Се трудиме да го минимизираме нашето негативно влијание врз животната средина, а истовремено да поддржуваме и финансираме проекти што имаат позитивно влијание. Еден начин на кој го правиме тоа е преку „зелено кредитирање“, кое вклучува финансирање проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Во моментов, околу 20% од нашето кредитно портфолио го сочинуваат зелени кредити, каде што просекот во банкарскиот сектор не е повеќе од 2,8%. Досега обезбедивме 215 милиони евра за финансирање 1.400 зелени инвестиции, од кои 100 милиони евра за зголемување на енергетската ефикасност во домовите и компаниите и 35 милиони евра за проекти за обновливи извори на енергија. Финансиравме 150 фотоволтаични централи, со капацитет за производство од 41 MW, кои можат да ја задоволат годишната потрошувачка на 9.420 македонски домаќинства со чиста електрична енергија.

Од аспект на одговорно кредитирање, банките имаат сериозна општествена и еколошка одговорност и затоа внимателно ја проценуваме одржливоста на проектите што ги финансираме. Ние го оценуваме, не само нивниот економски потенцијал, туку и нивното еколошко и социјално влијание. На нашите клиенти им препорачуваме корективни мерки за намалување или надминување на идентификуваните еколошки и социјални ризици. Категорични сме со клиентите што не ги прифаќаат овие услови, и истите не се поддржани од нашата банка во нивното финансирање.

Па така, не соработуваме со бизниси лоцирани во национални паркови или заштитени зони, ловишта или оние што се вклучени во трговија со заштитен дивеч, ископување криптовалути или производство на пластика за еднократна употреба. Со тоа, свесно се откажуваме од дополнителен бизнис, но остануваме доследни на нашата мисија и цврсто стоиме позади ставот дека луѓето и животната средина се поважни од профитот.

Мошне важен столб во нашата екостратегија е и интерниот систем на управување со животната средина. Во таа насока, наш приоритет е минимизирање на нашите емисии на стакленички гасови преку усвојување одржливи практики, како подобрување на нашата енергетска ефикасност, користење обновливи извори на енергија, возење на струја и намалување на создавањето отпад преку спроведување програма за рециклирање. Применуваме строги еколошки и енергетски стандарди при изградбата и горди сме што Централната управа на банката е една од „најзелените“ згради во земјава, која го заслужи престижниот сертификат EDGE (Excellence in Design for Greater Efficiencies) од Светска банка.

Дополнително, самата дигитализација на банката придонесе кон значително намалување на употребата на хартија, намален број експозитури, а со тоа и намалување на потрошувачката на енергија и вода, но и генерално намалена емисија на гасови бидејќи клиентите можат да ги завршат своите банкарски потреби од секоја локација, без да патуваат до експозитура.

 ФОКУС: Што значи за ПроКредит банка, културата на штедење за која се залага пред консумеризмот и потрошувачкото кредитирање?

ЈОЛЕСКА-ПОПОВСКА: Штедењето е тема за која почесто треба да се зборува и да се промовира, а не само во услови на економска криза. Консумеризмот е реалност со која се соочуваме секојдневно, како резултат на нападните и агресивни кампањи за купување разни продукти, кои инаку не би помислиле дека ни требаат, на агресивните реклами од банки за земање потрошувачки кредити за одење на одмор или на уште поагресивните и нетранспарентни реклами од финансиските друштва за потрошувачки кредити „без камата“. Овој начин на живот е долгорочно неодржлив, не само од финансиски аспект, туку и од аспект на одржливост на еколошкиот систем.

За разлика од сите други, ПроКредит банка промовира култура на штедење, како начин на живот. Тоа што сакаме да го постигнеме е доближување на овој принцип до секој човек, бидејќи не станува збор само за заштеда на пари, туку и градење секојдневни навики за штедење преку реупотреба и рециклирање.

Дополнително, одговорноста кон општеството, економијата и зачувувањето на природата ги привлекува прогресивните граѓани во нашата земја, кои ги препознаваат овие вредности на банката како нешто што се поистоветува со нивните убедувања. Исто така, фактот што банката е промотор на култура на штедење наместо на нерационално трошење и консумеризам, привлекува клиенти, кои ги чуваат своите заштеди во нашата банка. Па така, доминантен број од вкупната база на клиенти или околу 65% се штедачи, во однос на кредитни клиенти, а депозитната база од  физички лица е трипати поголема од кредитирањето на физички лица.

Тоа не значи дека банката не кредитира физички лица, напротив, кредитира со принципи и одговорно, со станбени кредити, наменски кредити за енергетски ефикасни инвестиции во системи за ладење и греење, топлотни пумпи, инвестиции во електрични возила, односно во инвестиции што ќе им го подобрат квалитетот на живот на нашите клиенти, но притоа финансиски нема да ги оптоварат повеќе од нивните можности.

 ФОКУС: Вашите вработени важат за едни од најподготвените и најобучени банкарски професионалци, воопшто? На што се должи тоа?

ЈОЛЕСКА-ПОПОВСКА: Централно за бизнис-моделот на ПроКредит групацијата е длабоко промислениот пристап кон човечкиот капитал. Имаме стандарди на групациско ниво, кои се воспоставени за сите активности во доменот на човечките ресурси, од селекција на вработени, нивна континуирана обука, до наградување. Етичкото и одговорно банкарство може да е успешно само ако имаме вработени што се поистоветуваат со вредностите и целите на банката и се обидуваат да ги остварат. Инвестираме време во процесот на вработување, бидејќи изборот на вистинските луѓе за тимот е една од најзначајните одлуки. Промовираме позитивна работна атмосфера преку различност, едноставна хиерархиска структура и отворена комуникација со цел да ги привлечеме и задржиме вработените долгорочно. Меѓу другите работи, промовираме независност и критично мислење, одговорност, полова еднаквост и фер третман на нашите вработени. Свесно не нудиме краткорочни бонуси базирани на реализирани резултати  и наместо тоа осигуруваме фер наградување.

Нашиот пристап кон вработувањето и обуката на вработените е уникатен и значително се разликува од практиките што ги гледаме на пазарот. Во процесот на селекција, ние им даваме шанса на младите луѓе без претходно работно искуство, но со интегритет, желба за учење и развој. Со нас тие го стекнуваат потребното знаење и обука за работата преку нашата регионална „Onboarding“ програма за вработување. Овој процес на обука трае шест месеци, а во него активно се вклучени искусни вработени и менаџери од банките во ПроКредит групацијата, со цел изворно да се пренесе знаењето, но и филозофијата на работењето во институцијата. Покрај тоа, овозможуваме дополнителна обука за вработените на двата тренинг-центри во Велес и во Белград, но и на Банкарската и Академијата за менаџери во Германија. Притоа, обуките не се состојат само од обука во доменот на банкарски вештини, туку и содржини од областа на историјата, етиката и други општествени науки, охрабрувајќи ги нашите вработени да рефлектираат на нивните лични вредности и нивната улога во општеството, како и да се еманципираат во однос на некои веќe воспоставени стереотипи.

Квалитетот на нашите вработени и услугата што ја даваме на клиентите е наш императив, па токму поради тоа банката вложува околу 60.000 часа годишно во обука, што во просек е 260 часови по вработен. Тоа е клучот на квалитетот и знаењето, кои нѐ прават препознатливи на пазарот и нѐ позиционираат како вистински партнер, банка што ги разбира и знае да даде квалитетен одговор на потребите и барањата на своите клиенти.

 ФОКУС: Што можеме да очекуваме од ПроКредит банка во 2023 година?

ЈОЛЕСКА-ПОПОВСКА: Продолжуваме со нашата мисија да обезбедиме одговорни и одржливи финансиски услуги, кои придонесуваат за развој на домашната економија, општеството и животната средина, нудејќи иновативни дигитални решенија и промоција на енергетска ефикасност.

Посветени сме на развој на банката и во следниот период очекуваме двоцифрени стапки на раст на бројот на клиенти, правни и физички лица, но и двоцифрен раст кај кредитното и депозитно портфолио на банката.

Веруваме дека преку висококвалитетниот тим на вработени ќе продолжиме да важиме за етичка и одговорна банка и банка трендсетер на сите новини во банкарството, кои ќе значат унапредување на банкарските услуги кон нашите клиенти.

Поврзани новости