Да се укине надоместокот од 15 денари, да се намалат казните, да се одложи законот и да се направат измени во консултација со производителите и трговците, бидејќи во моментот зависи егзистенцијата на 32 претпријатија и 600 вработени во фирмите за производство, бараат од Групација на производители и преработувачи на пластични маси при Сојузот на стопански комори на Македонија.
– Компаративната анализа која ја направивме покажува дека цената на кесите во Србија изнесува 7,5 денари, а во Грција 9 денари. Сметаме дека зголемувањето на цената треба да биде сукцесивно во етапи. Исто така неопходно е да се интервенира во казнените одредби бидејќи глобите за трговците доколку на пример не водат соодветна евиденција за продажбата на кеси се и до 180.000 евра, дополнуваат од Групацијата.
Според нив од овие законски измени директно е засегнaто опстојувањето и егзистенцијата на 32 претпријатија кои бројат вкупно 600 вработени физички лица, невклучувајќи ги и надворешните соработници како добавувачи на репроматеријали, дистрибутери. Затоа е неопходно законот да се измени и да се изнајде заедничко решение, во консултација и работни групи со производителите и трговците.
-Заштитата на животната средина и одржливо располагање со ресурсите е важен општествен приоритет, но за оваа цел да биде реализирана неопходен е системски пристап и инклузивност на процесот на носење на одлуки со вклучување на сите засегнати страни, како и предвидување на соодветен период на прилагодување кон новите законски решенија, реагира Групација.
Во таа насока Групацијата истакнува барање за целосно одложување на примената на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, бидејќи е донесен без консултација на приватниот сектор и погодува цела индустриска гранка.
-Со новиот Правилник за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција, употребата на оксо-биоразградливи кеси останува до 01 Јуни 2023, а потоа треба да бидат заменети со биоразградливи. За тоа да се обезбеди потребни се дополнителни инвестиции, обука на вработените, а дадените роковите се премногу кратки, истакнува Ели Качева претседавач на Групацијата.
Таа ја посочува Германија каде во 2015 година е донесен закон со кој на производителите им се остава рок од 7 години за адаптација и пренамена на своето деловно работење.