Програмскиот совет при МРТ и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) информираат дека во Собранието на РСМ во моментов се менува Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој предвидува намалување на годишниот буџет на Македонската радио телевизија (МРТ).
,,Овие измени се носат по скратена постапка, на нетранспарентен начин и без вклученост на претставници на МРТ како и на новинарската заедница.
Измените предвидуваат средствата за финансирање на радиодифузната дејност, за работењето и развојот на МРТ, Јавното претпријатие Македонска радиодифузија и AВМУ кои се обезбедуваат од Буџетот на државата во висина од 1% да се намалат на 0.9% од реализираните вкупни приходи во годината која претходи на фискалната година. Ова значи дека средства во висина од околу пет милиони евра наместо за развој на јавна радиодифузна дејност ќе се прелеат на сметка на приватните телевизии и радија за таканаречени кампањи од јавен интерес за теми за кои ќе решаваат пратеници од владејачките и опозициските партии.
Овој модел е на штета на МРТ и дополнително ја загрозува и така кревката финансиска состојба во која јавниот радиодифузер опстојува.
Потсетуваме дека Советот на Европа во своите препораки ја афирмира виталната улога на јавните радиодифузни сервиси како суштински фактор за плурализам во медиумите, преку обезбедување на сеопфатна програма што содржи информации, едукација, култура и забава за граѓаните.
Дополнително, Советот во истата препорака предупредува дека јавниот сервис не може да биде важен извор на точни, навремени и плурални информации ако не биде независен од разни политички и економски влијанија. Еден од важните предуслови МРТ да има политичка независност е да има стабилно и доволно финансирање преку кое ќе биде во можност да ги исполнува своите законски обврски во интерес на јавноста”.