Програмскиот колегиум од МКД денеска упати апел кон градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, потенцирајќи да се направи ревизија и да се распише нов конкурс за директор во МКЦ.
„Ревизијата е нормална постапка и пракса за секоја институција. И ние истата максимално ја поддржуваме, а од нивните забелешки учиме и се корегираме. Во интерес на јавноста и насловите во овој момент, сепак ќе појасниме дека: како благајна за 2022 година се водат 6.232.388 денари, од кои 5.914.888 се уплати од дневен промет од работата на угостителската дејност на МКЦ (бифе/шанкови) кои преку благајна потоа се уплаќаат на сметката на ЈУ МКЦ, а само 317.500 денари се директни готовински материјални трошоци, кои преку цела 2022 година се користени готовински и се однесуваат за ситни набавки, поправки, патарини, сервисирања и сл, поткрепени со соодветна документација и сметки. Тврдењата за недостаток на некакво покритие и документација за ова, беше токму нашиот сомнеж и страв по промените на бравите на пример, во простории каде таа документација се чува“, рече Русе Арсов.
Од програмскиот совет на МКЦ посочија да се прават работите согласно законот, без притисоци и распити, од како што велат, неовластени лица.
„Престанете да ни праќате неидентификувани и неовластени лица да ни вршат распити, да ни се врши мобинг и притисок на нашето работно место. Не дозволувајте повеќе секој да ги дискредитира и оцрнува нашите имиња и професионални интегритети. А за почеток: отворете регуларен и фер конкурс за директор на институцијата“, велат оттаму.