Васфије Красниќи – Гудман, жената која прва проговоре јавно за нејзиното силување од страна на припадници на српската полиција во војната во Косово во 1999 година, е личност на 2018 година во Косово, според изборот на весникот „Коха Диторе“, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Една храбра жена, која одби да го носи рувото на понижена и безгласна жртва и го крена гласот во името на сите жртви на сексуалното насилство во Косово, ја опишува весникот Красниќи-Гудман, која во октомври годинава на јавната телевизија РТК ја раскажа историјата за нејзиното силување во последната војна.
Другите четири личности на годината, според приштинскиот весник се: Светски познатата пејачка по потекло од Косово, Дуа Липа; тренерот на косовските џудисти кои постигнуваат завидни резултати на светско ниво, Дритон Кука; Бернард Шаландес, селекторот на косовската фудбалска репрезентација, која го освои првото место во својата група во претквалификациите за европското првенство; и најпознатиот косовски фудбалер, Фадиљ Вокри, кој почина во јуни годинава, а кој, како претседател на косовската фудбалска федерација, беше најзаслужен за зачленувањето на Косово во европската и во светската фудбалска асоцијација, УЕФА и ФИФА.