Прогласени мажите на годината: Народот најмногу ги цени хуманитарците!

by fokus

Четвртиот по ред настан ,,Мажи на годината” во организација на магазинот ,,Џентлмен” се одржа синоќа во хотелот „Double Tree by Hilton” во Скопје, манифестација на која се избраа 13 најуспешни мажи во 13 категории.

Како една од најпосебните награди секоја година е таа – избор на маж на годината според социјалните медиуми, бидејќи изборот го прави народот преку јавно гласање, и токму поради тоа наградата се смета за една од најреалните.

Годинава маж на годината според социјални медиуми е кавадарчанецот Борче Стаменов, хуманист кој преку својата организација ,,Донирај компјутер” усреќи стотици деца и семејства, кои самите не можат да си дозволат компјутер. Во неговата категорија беа номинирани 19 мажи, од различни области – актери, бизнисмени, лекари, спортисти… а Стаменов ја освои титулата со над 1.900 гласа од граѓаните.

И минатата година година титулата според социјалните мрежи заврши во рацете на хуманитарецот Али Февзи, кој помага на социјално загрозени лица и организира хуманитарни акции ширум земјава.

Гласовите на народот недвосмислено покажуваат дека сепак, кај нас, многу повеќе се вреднуваат хуманистите, отколку бизнисмените или пак било која друга професија, а солидарноста и хуманоста остануваат човечки вредности кои се на пиадесталот во општеството.

Во останатите категории се избираше маж со стил, менаџер на годината, маж со трајни вредности, хедонист на годината и друго.

Помеѓу наградените годинава се најдоа и Дејан Георгиевски, Драган Б. Костиќ, Злате Мехмедовиќ, Горан Цветинов и други.

Водители на настанот беа Миа Костова и Жарко Димоски.

Во изминатите години настанот се одржуваше последната среда од месец ноември, но годинава беше одложен поради автобуската несреќа која се случи во Бугарија.

Целта на манифестацијата е да се обединат и поврзат на едно место најуспешните мажи во Македонија, да се промовираат добрите навики и успеси кои ќе бидат вистински мотив за сите, како и да се подигнат квалитетот на животот и личниот развој кај секој од нас, истовремено оставајќи позитивна слика во јавноста.

Вики Клинчарова

Поврзани новости