“Упатената „покана“ од ваша страна, среде наша прес-конференција, ја сфативме како умешен политички чин, но ни за миг не поверувавме дека имате искрена желба да нѐ сослушате. Уште повеќе, вие почитуван Премиер, не можете и не смеете да каните на дебата во законодавниот дом, каде што не сте домаќин, туку сте гостин. Со Вашата „отворена покана“ упатена пред медиумите јавно го загрозивте уставниот статус, надлежност и дигнитет на Собранието, грубо го прекршивте неговиот Деловник за работа, јасно покажувајќи каде е центарот на моќта во нарушената рамнотежа на власта, како претпоставка на македонската демократија. Ова е само дел од писмото кое Професорскиот пленум го упати до претседателот на владата Никола Груевски.
Според нив, тие нема да бидат соучесници во кршењето на принципот на владеење на правото, на поделбата на власта и на деловнички утврдената процедура при изменувањето на Законот за високо образование.
– И Вие и Ние знаеме дека „дебатата“ е нелегална, нелегитимна и многу задоцнета. Ве потсетуваме дека Деловникот на Собранието предвидува спроведување на јавна дискусија од страна на матичната комисија, врз основа на одлука на Собранието, кога се работи за закон кој што е од поширок интерес, каков што несомнено е Законот за високо образование. Собранието, за жал, не ја отвори јавната дебата и пропушти, со објавувањето на предлог законот, да ги направи предлог-измените достапни до граѓаните, институциите, политичките партии, синдикатите и другите заинтересирани субјекти за да собере мислења и предлози за измените. Ве уверуваме дека истите ќе беа компатибилни со нашите, а не со вашите ставови и дека ќе беа од непроценлива помош за Комисијата за образование и наука за следниот законодавен чекор, за второто читање – се наведува во писмото од Професорскиот пленум.
Понатаму, во писмото пишува дека нивните сомнежи биле оправдани, потврдила сликата од дебатата во Собранието, од која сите го виделе начинот на кој се однесувал премиерот кон нивниот колега , проф. д-р Велимир Стојковски, првиот човек и претставник на целата академска заедница.
– Ниту го сослушавте, ниту го разбравте. На овој начин игнорирате 50.000 студенти, 4.000 универзитетски наставници и соработници кој тој ги претставува, како и над 130 страници забелешки на предлог законите кои тие ги дадоа – се наведува во писмото.