Професорски пленум: Ако власта ги изневери нашите очекувања ќе делуваме вонинституционално

by Фокус

Професорскиот пленум соопштува дека ќе се вклучи во изготвувањето нови законски решенија за високото образование. По средбата со премиерот денеска со соопштение укаѓуваат дека не се откажуваат и од вонинституционално делување доколку власта не ги почитува преземените обврски.

„Јавноста веќе е запозната дека предлогот на Студентскиот и на Професорскиот пленум за одлагање на примената на пакетот закони за високо образование како неопходен предуслов за почеток на работа на нови законски решенија беше прифатен. Премиерот даде ветување дека на првата наредна седница на Владата на РМ ќе биде предложен предлог закон за измени на ЗВО со кој ќе се стави мораториум на последните измени. Дополнително, на средбата беше заклучено дека принципот на работа на новата законска регулатива во високото образование ќе биде инклузивен, сеопфатен и во духот на партиципативната демократија.

Потсетуваме дека првичното барање на двата Пленуми беше да се создадат предуслови за работа на новите закони во високото образование. Временото одложување на најновите измени е единствен можен правен инструмент кој, од една страна, ќе оневозможи примена на лошите, па и неприменливи законски решенија, а истовремено, ќе даде доволно време да се изнајдат квалитетни решенија кои ќе бидат базирани на длабинска анализа и суштинска дебата за потребите во образовниот процес и нужните реформи кои ќе доведат до современ систем на високото образование.

Професорскиот пленум ќе се вклучи во работата за изготвување на новите законски решенија, но прво очекува дека во најбрз временски рок, како што и беше договорено, ќе се создадат правни претпоставки за обединет и креативен универзитетски живот, како гарант за квалитетно високо образование.

Професорскиот пленум не се откажува од легитимното право на вониституционално делување во случај на изневерени очекувања од правните и институционалните механизми!“ се вели во соопштението.

Поврзани новости