Членовите на собраниска Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница не дадоа поддршка универзитетскиот професор Саво Климовски да биде избран за уставен судија, како предлог на опозицијата. Комисиската расправа ќе продолжи по едночасовната пауза дадена од претседателката на Комисијата Марија Георгиевска.
По паузата, треба да биде разгледана биографијата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, предложен за уставен судија од страна на владејачките партии.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека кандидатите за уставни судии предложени од владејачките партии не ги исполнуваат условите и не се соодветни за да бидат избрани за оваа функција. Тие, исто така, укажаа дека кандидатите од опозициските партии се попрофесионални и покомпетентни кадри од кандидатите предложени од власта. Посочија дека ниту еден од кандидатите на владејчкото мнозинство не го заслужуваат столчето во Уставен суд.
Ели Панова, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека за пратениците од власта не се битни ниту имињата, ниту биографиите, ниту минатиот труд на кандидатите, туку битно им е тие да бидат корумпирани, подмитливи, да бидат неправични.
– Сѐ додека немаме нов закон за Уставен суд, ќе велиме дека кандидатите таму не заслужуваат да бидат уставни судии и во исто време ќе се срамиме како што ќе се срамите вие од кандидатурите на луѓето кои ги наградувате да бидат уставни судии, рече Панова.
Изминативе денови членовите на оваа Комисија дадоа поддршка на кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер.
Комисискиот филтер не го поминаа кандидатите Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска. Досега е одбиена и кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска, која беше предложена од опозицијата.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.