Во вторникот главниот град на Македонија, Скопје беше зафатен од големо невреме кое траеше речиси еден час и ги поплави најфреквентните улици. Освен тоа, причини голема штета при што имаше оштетување на згради, автомобили и беа паднати десетици дрвја поради силниот ветер.
Август се покажа како мошне нестабилен месец со поројните дождови кои беа присутни во Македонија, а настрада и градот Неготино од еден вид, необичен дожд кој создаде големи штети.
Универзитетскиот професор од Институтот по географија, Ивица Милевски, за „Фокус“ даде своја анализа за временските неприлики кои се случија во земјава во изминатите месеци. Притоа тој упати порака до службите – да обрнат внимание на ризиците од поплави кои во минатото се покажаа како катастрофални за македонското население.
„Довчерашните сценарија за климатските промени, тврдеа дека во однос на референтната 1990 година, во 2050 година, Македонија ќе биде многу посушна, посебно во летата. Се чини не е баш така. Споредбите на најновите податоци (1991-2020) покажуваат дека годишните количества на врнежи дури и малку се зголемени во однос на референтниот период 1961-1990 година, но изразито нерамномерно. Се почесто има појави на интензивни, поројни врнежи за краток временски период и тоа во речиси сите годишни сезони.
Некогашните 100-годишни екстреми од 80 до 100 mm/ден, веќе станаа 10-20 годишни за најголем дел од територијата на Македонија. Ако се следат трендовите и примерите на Балканскиот Полуостров, веќе треба да сметаме на дневни екстреми од 150, па дури и 200 mm/ден, односно барем на 100 mm за 3 часа. Всушност, во следните години и децении, на подрачјето на Македонија, треба да се очекуваатчести појави на интензивни (поројни) врнежи. Тоа, во комбинација со несоодветното користење на урбаното и вон-урбано земјиште (прекумерна „бетонизација“, лошо димензионирана и изведена дренажа-каналски систем, намалено градско зеленило и др.), предизвикува зголемена опасност од поплавување“, вели професорот Милевски.
Граѓаните на Скопје со тага се сеќаваат на поплавата од пред шест години во Стајковци и Синѓелиќ која однесе 22 човечки животи и траумите за погодените семејства се уште се свежи. Но, дали Македонија треба да стравува од евентуална таква поплава?
„Според климатските сценарија, анализи и трендови, во следните години и децении, фрекфенцијата на природни непогоди, а во тие рамки и поплавите, во иднина ќе се зголемува. Последните години имаме се почеста појава на мошне интензивни врнежи за краток период. Така, на 6 август 2016 година, за само 4 часа, во делови на општината Гази Баба во Скопје, наврнаа 90 mm врнежи, а максималниот часовен интензитет (околу 20 часот), достигна речиси 40 mm, што е извонредно голема (рекордна) забележана вредност за овој простор. Тоа беше една од причините за поплавата во Стајковци со катастрофални последици. Завчера пак, во делови на Скопје, за период од 2 часа (16.30-18.30 часот), наврнаа 25-40 mm, со неколкуминутен интензитет (околу 17 часот) од извонредни 2 mm/min“, додава тој.
Според него, во наредните денови мошне е мала веројатноста да се повтори ваков дожд со толку силен интензитет во Скопје.
„Сепак, во поглед на силните врнежи и поплавите, статистички доста ризичен е месец ноември, што треба да се има во предвид во следните месеци. Воедно, не треба да ги занемариме и другите делови на Македонија, како што се Пелагонија, Повардарие, теченијата на Пчиња, Брегалница, реката Струмица и др., каде има можност за т.н. речни поплави. Затоа, секоја општина треба итно и приоритетно да донесе и реализира своја програма за справување со овие непогоди и штетите предизвикани од нив. Всушност, не случајно Европската Унија се поголемо внимание посветува на изготвување на катастари на ризични и загрозени подрачја, мерки за итни акции, превентивни мерки и активности и серија други чекори“, смета Милевски.
Од друга страна, професорот смета дека голем дел од граѓаните не се подготвени да се справат со поплави и треба многу да се работи на тоа поле.
„Многу значајно е да се воспостави функционален систем за перманентно информирање на граѓаните во вакви ситуации (преку радио или мобилни апликации, електронски сообраќајни знаци, инфо-знаци и др.) за ризични точки кои треба да се избегнуваат, проблематични места и слични известувања кои може да бидат дури и животно важни“, потенцира тој.
Градот Неготино кон средината на месец август беше погоден од т.н. „торнадо“ кое траеше кратко, но причини големи штети за жителите од овој град.
Причина за тоа се глобалното затоплување и климатските промени кои создаваат сериозни проблеми на целиот свет.
„Станува збор за дождовен столб (дождовна бомба), или пак воздушен микро-излив (microburst), а поретко за тромба, кое е вид на слабо (мини) торнадо. Гледани од далеку, наведените појави се доста слични, особено ако се нема доволно познавање за истите. Тромба (или пијавицата ако е над море или езеро) е силен вртлог на воздух во форма на стебло или инка. Од долните делови на облакот, вртлогот се спушта кон земјата речиси вертикално или косо. Иако се уште доста ретко, последните години, летни тромби (пијавици), почнаа да се појавуваат во поголемите рамничарско-ридски предели на Македонија (Тиквеш, Овче Поле, Гевгелиско, Охридско и др.).
Поради глобалното затоплување, климатските промени и промените во интензитетот на циклонските активности над Европа, во идните децении треба да се очекуваат се почести појави на тромби, пијавици, мали торнада и микро-изливи (microbursts). Воедно, нивната жестокост и разорна моќ ќе се зголемуваат, а со тоа и потенцијалните штети што можат да ги предизвикаат. Сепак, вистински торнада не се за очекување во Македонија, со оглед на контрастната, не-рамничарска топографија. За право торнадо обично се неопходни пространи (континентални) рамнини, на контакт со поголеми океани и мориња, каде е можна висока (циклонска) разлика во воздушниот притисок и судир на драстично различни воздушни фронтови“, анализира Милевски.
Друг проблем кој дополнително ја комплицира состојбата со поплавите во Македонија се градежните активности и никнувањето на згради на секој чекор, особено во главниот град. Преголемата покриеност со бетон прави проблеми од кои ние, граѓаните во иднина ќе бидеме на удар.
„Бетонизирањето условува концентрација и бавно истекување на водната маса. Тоа е надополнето со малата пропусна моќ на атмосферската канализација, главно димензионирана според големината и потребите на градот од пред 40, 50 години (кога истиот бил двојно помал), но и според тогашните очекувани дождовни екстреми. Слабата пропусна моќ на каналскиот систем, дополнително е намалена со отпадоци и ѓубре од различно потекло (најчесто од несовесните правни и физички лица). Исто така, во градот постојат бројни ниски точки – депресии, во кои се натрупува водата, дури и на главните сообраќајници, а тука и подземната вода е доста висока. Тоа придонесува по секој посилен дожд да се формираат длабоки локви – „езера“, кои опстојуваат со часови, па и денови. Мора да се има во предвид дека подземните води во Скопско Поле се високи, па градењето во длабочина треба да е мошне внимателно срочено и димензионирано“, анализира Милевски.
Според него, вистински проблем се дивоградбите во градот, за разлика од минатото кога повозрасните скопјани се сеќаваат на едно поинакво Скопје.
„Дивоградбите го отежнуваат протекот на атмосферската вода, го комплицираат каналско-дренажниот систем или се испречени токму на него. Повозрасните скопјани, паметат дека до пред 40-тина години, градот беше многу похуман, позелен, со помалку бетон, а многу повеќе зеленило и отворено земјиште способно да апсорбира голема количина атмосферска вода. Денес пак е обратно, пространи бетонски комплекси, малку зеленило, во комбинација со очекуваната зачестена појава на силни до екстремни врнежи, ќе создава се поголеми проблеми, материјални штети, а во најлош случај и човечки жртви“, го заврши разговорот професорот Милевски.
Фото: Само Прашај, Томислав Георгиев, илустрација
Јорданчо Цветаноски