Семејството Димитриови од Кавадарци, кое минатата година за ,,Фокус’’ раскажа за четиригодишната голгота низ која минувало поради професор од кавадаречката гимназија, кој цели четири години врз нивната куќа фрлал ,,бомби’’ од прегорено масло, се додека не го фатиле на дело, вчера доживеало нов шок.
На нивната врата затропале извршители и сега сите членови на семејството, односно мајката, таткото и двајцата синови треба да платат сума од околу четири илјади евра, врз основа на барање на спроведување на извршување од доверителот Т.Т., односно од професорот бомбардер.
-Добивме четири налози за извршување врз плата и други парични побарувања. Ние, малтретираното семејство, кое минуваше и се уште минува низ голгота поради професорот, кој четири години над нас вршеше терор, сега уште треба и да банкротираме поради него и да му ги даваме парите кои што чесно ги заработуваме. Јас и брат ми, како што е наведено во налозите, треба да му платиме секој по 108.000 денари, додека пак мајка ми и татко ми треба да му платат секој по околу 14.000 денари. Има ли правда и каде да ја бараме? – очајно прашува едниот син, Блашко Димитриов, кој ни ги достави и налозите од извршителите адресирани до сите членови на неговото семејство.
Како што раскажува семејството, за малтретирањето кое што го доживеаа од професорот, судот во Кавадарци му дал условна казна од седум месеци, за кривичното дело оштетување на туѓи предмети и телесна повреда му била утврдена казна затвор од пет месеци, односно му била изречена алтернативна мерка, затвор во траење од седум месеци, која нема да се изврши, ако обвинетиот во рок од една година од правосилноста на пресудата не сторел друго кривично дело.
Од друга страна, Димитриови биле должни да му исплатат 70.724 денари, во рок од 15 дена, како надомест за трошоците во постапката, бидејќи тој ги обвинил за телесен напад, во времето кога тие го фатиле по неговото последно бомбардирање.
Професорот пак, според пресудата, требал да му исплати на семејството сума од околу 130.000 денари. Димитриови велат дека ниту тој им ја исплатил сумата, ниту пак тие него му исплатиле, бидејќи се уште траела друга судска постапка, за истиот случај. Претпоставуваат дека налозите се однесуваат на таа сума, но не им е јасно зошто сите тие поединечно треба да платат, и зошто синовите треба да платат една, а родителите друга сума.
-Кај мене и кај сопругот Никола ја нема основната сума од околу 70.000 денари, туку само трошоците кои произлегле од извршување, а тие заедно изнесуваат околу 14.000 денари. Кај синовите ја има сумата од околу 70.000 денари која ја одредил судот, плус трошоци за извршување, што е над 30.000 денари, со што се добива сумата од 108.000 денари за секој син. Верувајте дека сме на работ на очајот. Малтретирани, живеевме во агонија се додека не го фативме на дело професорот кој ни ја уништи фасадата на куќата и дворот. За психичката траума треба ли да зборуваме? Во неизвесност живеевме со години, не знаевме кој и зошто чувствува таква омраза кон нас и кој би бил неговиот следен чекор. И денес, кога се знае кој бил виновникот, се уште не ни е јасно која била точната причина за тоа, иако тој пред надлежните се бранеше дека му сметало нашето куче, кое е врзано во двор, а професорот дури и не ни живее во наша близина – раскажува Марина.
Таа е вработена во германската фабрика ,,Дрекслермајер’’ во Кавадарци, нејзиниот сопруг работи во ,,Фени Индустри’’, едниот син во компанија за производство на тутун, а другиот студира во Скопје. Вели дека тешко го заработуваат секој денар, досега дале големи суми на пари за потребите на судењето, а сега со извршителите биле доведени до работ на преживувањето.
-Моите деца се чесни, посветени на спортот, истакнати и наградувани велосипедисти. Ги учев да бидат правични, да веруваат во системот во кој живееме. Ова ли е таа правда? Како да им кажам дека ние всушност сме живееле во земја каде победуваат лошите и нечесните, а пак на искрените не им преостанува ништо друго, освен да ги спакуваат куферите и да си заминат во странство. Според првичната одлука на судот, зарем ние кога на дело го фативме професорот, требаше да го пуштиме да си оди? Се жалеше дека физички бил нападнат додека сопругот и синовите се обидуваа да го задржат во времето додека ја чекавме полицијата. Како се задржува некој кој што сторил зло и кој што се обидува да побегне? И тој се бранеше и се обиде дури и да го задави син ми додека се обидуваа да го задржат. Бараме правда, а ова секако дека не е ниту правдина, ниту пак нешто сфатливо за здравиот разум. Тактички не уништува човек кој што го призна своето дело и е виновен, а законите сепак се на неговата страна – тврди мајката.
Таа апелира до сите медиуми да дојдат на судското рочиште против професорот кое што било закажано на 22-ри мај во 10 часот во Основен Суд Кавадарци и да се види како тече процесот. Бара помош и од Народниот правобранител, но и од сите институции кои се надлежни за правна помош на граѓаните, бидејќи самите повеќе не можеле да се борат со бомбардерот.
-Некои работи можеби се законски, но не се морални и се косат со здравиот разум. Разочарани сме од нашиот правосуден систем каде ние, како луѓе кои што минаа низ голгота, наместо да бидеме поддржани, сосема сме уништени. Апелираме и градоначалникот на Кавадарци, господинот Митко Јанчев да го разгледа целиот случај, оти не ни е јасно како може човек кој што е потчинител на ова дело сеуште да работи како како професор, со деца. Бараме камери да го пренесат во јавност судењето. Едноставно, бараме правда, а ако не ја добиеме, моето семејство ќе биде принудено да си побара достоинствен живот подалеку од Македонија – изјави Димитриова.
Вики Клинчарова