Професорот и социолог Илија Ацески во изјава на „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ упати критики кон верските водачи поради последните случувања со верските обреди.
Тој вели дека тие не смеат да си играат со ваквата состојба и мора да се опаметат дека не е дозволено такво однесување.
„Очекував дека верските водачи ќе бидат доследни во примената на мерките кои што ги спроведува владата. Со ова што се случува нема играње. Тие мора тоа да го разберат иако од тоа егзистираат, но опасноста која е присутна на ваков начин мора да се почитува и да бидат пример како треба да се однесуваме во ова време. Тие не се над законот и државата и институциите треба да постапуваат како и кон секој друг граѓанин кој ќе ги прекрши правилата. Тука нема исклучок. Мојата интерпретација е дека сега природата го враќа ударот врз човекот, кој што според многумина е канцер за оваа природа. Човекот ја уништува до тој степен што се доведува во прашање и неговиот опстанок. Човекот мора да се опамети дека повеќе не може така да се однесува. Ова што го прават нашите верски водачи е надвор од разумна, Божја природа и треба да си сносат санкции, изјави за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ универзитетскиот професор Ацески.