Од 27-ми до 29-ти октомври во Хотел Парк Неготино ќе се одржи Меѓународната научна конференција „Тиквешки правнички денови 2023“ во организација на Институтот Iuridica Prima.
Темата на конференцијата е ,,Владеење на правото или владеење на политиката- Актуелни прашања во законодавството и судската пракса”.
Претседател на Институтот за правно-економски истражувања и едукација Iuridica Prima е професор д-р Ангел Ристов, претседател на Синдикатот на УКИМ, инаку по потекло од Неготино.
Во разговор за „Фокус“ професорот истакнува дека токму поради љубовта кон својот роден град, тој одлучил овие Меѓународни конференции да се одржуваат во Неготино, со цел да ги промовира убавините на општината пред мнгоубројните гости кои доаѓаат од повеќе земји.
-Родното огниште не се заборава никогаш, и секој кој е во можност да стори нешто за негова промоција, не треба да се двоуми. Конференциите во организација на Институот веќе три години по ред се одржуваат во Неготино, ова ќе биде четврти пат како во мојот роден град во кој израснав ќе дојдат стотина посетители од повеќе земји, и покрај конференциската тема, ќе имаат можност да ги запознаат и убавините и традициите – појаснува Ристов.
Додава дека годинава е најавено учество на стотина докажани правници од Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора…
Во изминатите години сите гости го запознале градот во тек на дводневниот престој, го посетиле манастирот Свети Ѓорѓи, Музејот на олдтајмери изграден од колекционерот Дионис Пашлаков, Музеј и вински музеј на Неготино, познати винарии во Неготино и во Демир Капија, и се запознале со традициите на граѓанте, како и со локалните специјалитети, помеѓу кои квалитетните вина и познатата неготинска пита.
Инаку, Ристов живее во Скопје и е професор на правниот факултет „Јустинијан Први“. Автор е на голем број на трудови, а на почетокот на месецов излезе од печат неговата монографија „Тестаментот на македонското наследно право“.
Вики Клинчарова