Меѓу претставниците од институции и претседателите на судови, во Советот за реформи во правосудството ќе членуваат и две професорки по право. Премиерот, Зоран Заев, кој ќе претседава со Советот, меѓу другите ќе го советуваат и професорките Гордана Бужаровска и Беса Арифи.
На последната седница Владата го екипираше Советот за следење на имплементација на стратегијата во правосудството 2017-2022. Во него ќе членуваат министерот за правда Биљен Саљији, неговиот заменик Оливер Ристовски, Јавниот обвинител Љубомир Јовевски, претставник од Врховен Суд, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, по еден претставник од Апелационите судови во Гостивар, Битола, Штип и Скопје, како и по еден претставник од Основните судови Скопје 1 и 2.
Членови на овој совет, ќе бидат и Народен правобранител Иџет Мемети, како и Џемали Саити, претседателот на здружението на судии, а свои претставници ќе имаат и Адвокатската комора, како и Блу Принт групата на граѓански организации за правосудство.